„Ја повикуваме американската влада да соработува со нас на агенда за соработка фокусирана на заеднички развој, во рамките на меѓународното право, за зајакнување на трајниот соживот во заедницата“, вели Родригез

Привремената лидерка на Венецуела, Делси Родригез, која синоќа ја презеде функцијата вршител на должноста претседател, ги повика САД на соработка откако во саботата во американски напади врз Каракас беше заробен Николас Мадуро.
Родригез, која претходно имаше остар тон кон Вашингтон, сега зборува за потребата од „односи засновани на меѓусебно почитување“, што се толкува како промена во нејзините претходни пораки, пишува „Асошиејтед прес“.
„Ја повикуваме американската влада да соработува со нас на агенда за соработка фокусирана на заеднички развој, во рамките на меѓународното право, за зајакнување на трајниот соживот во заедницата“,
напиша Родригез на Инстаграм.
Во објавата таа додава дека приоритет е движењето кон избалансирани и почитувани меѓународни односи меѓу Соединетите Американски Држави и Венецуела, како и меѓу Венецуела и другите земји во регионот, засновани на суверена еднаквост и немешање.
„Овие принципи ја водат нашата дипломатија со остатокот од светот“,
додава таа.
Во пораката упатена до американскиот претседател Доналд Трамп таа вели дека народите и регионот заслужуваат мир и дијалог, а не војна.
„Ова отсекогаш била пораката на претседателот Николас Мадуро и тоа е пораката на цела Венецуела во моментов. Ова е Венецуела во која верувам и на која ѝ го посветив мојот живот. Сонувам за Венецуела каде што сите добри Венецуелци можат да се соберат. Венецуела има право на мир, развој, суверенитет и иднина“,
додава таа.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно од авионот „Ер форс уан“ предупреди дека Родригез може да плати „многу висока цена“ ако не ги почитува барањата на САД и дека понатамошните воени дејствија сè уште се опција.
„Ако не го стори тоа, веројатно ќе се соочи со ситуација полоша од Мадуро“,
им рече Трамп на новинарите.
САД нападнаа серија цели во Венецуела во саботата рано утрината, го заробија Мадуро и го отстранија од земјата. Тој треба да се соочи со судење во Њујорк по обвиненија за поврзаност со трговија на дрога.
Трамп објави дека САД привремено ќе ја „управуваат“ Венецуела.
Врховниот суд на Венецуела ја овласти потпретседателката Родригез привремено да ги преземе овластувањата на претседателот. Таа првично зазеде потврд став, барајќи ослободување на Мадуро и опишувајќи ја американската операција како кршење на Повелбата на ОН.
„Никогаш веќе нема да бидеме робови“,
рече таа обраќајќи му се на Трамп во првичната реакција во саботата.
