Од УХМР велат дека под влијание на нестабилна воздушна маса, до крајот на неделата времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, се вели во прогнозата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Во текот на денот ќе дува умерен, а на некои места и засилен ветер од јужен правец. Утринската температура ќе биде од три до девет, а дневната во интервал од пет до 13 Целзиусови степени.
Во Скопје, времето денеска ќе биде променливо облачно со услови за повремен дожд, а ќе дува и умерен, повремено засилен ветер од јужен правец. Температурата ќе се движи од три степени наутро до 10 во текот на денот.
И за утре се најавува променливо облачно време, кон крајот на денот со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува и умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе биде од осум до 13 степени.
Од УХМР велат дека под влијание на нестабилна воздушна маса, до крајот на неделата времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат над 15 литри на квадратен метар.
Според прогнозата на УХМР, до среда ќе дува умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер претежно од јужен правец. Во четврток и во петок ветерот ќе го смени правецот во северен, што ќе услови пад на температурата.
