Министерот вели дека со законот се воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање работна сила, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси

Од 1 јануари стапи во сила Законот за работно ангажирање лица, кој треба да воведе ред во сезонското и повременото работење. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека се очекува формализација на 12 000 работници во земјоделството и 5 400 во туризмот и угостителството, сектори каде што сивата економија е најизразена.
Новото решение овозможува пензионери, студенти, невработени и корисници на социјална помош да работат без да ги изгубат своите веќе стекнати права.
„Во првата фаза со законот се опфатени дејностите каде што сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството“,
рече Дурмиши.
Тој вели дека со законот се воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање на работна сила, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси.
Работодавачите добиваат поедноставени електронски процедури за пријавување, додека работниците добиваат исплата по час и осигурување во случај на повреда. Според Дурмиши, ова е системски одговор на предизвикот со неформално вработените, кои во 2024 година изнесувале околу 85 000 лица.
Дурмиши, освен за Законот за работно ангажирање на лица, информираше и дека од вчера е во сила и Законот за финансиска поддршка на инвестициите за кој рече дека е силен инструмент за поттикнување на економскиот раст, зголемување на конкурентноста и отворање нови, квалитетни работни места. Со овој закон државата обезбедува финансиска поддршка за компании кои инвестираат, остваруваат раст на приходите и ја задржуваат стабилноста на вработувањето.
„Поддршката е насочена кон нови вработувања со повисоки плати, при што компаниите можат да добијат до 20 проценти од исплатената нето плата, односно до 4 400 евра годишно по лице, како и значителна поддршка за истражување и развој, до 50 проценти од оправданите трошоци и максимален износ од еден милион евра. На тој начин ја охрабруваме трансформацијата на економијата кон поголема продуктивност и додадена вредност“,
кажа Дурмиши.
Комбинацијата од овие два закона, укажа Дурмиши, значи истовремено сузбивање на сивата економија и активна финансиска поддршка на формалната економија.
Прашан дали ќе има прочистување на списокот во Агенцијата за вработување каде има невработени кои земаат социјална помош, а не прифаќаат вработување, наведе дека со новиот закон што е во сила тие нема да ги губат правата како невработени, но ќе имаат можност да бидат вработени во дејностите земјоделство, рибарство, шумарство, угостителство.
