Дурмиши додаде дека откако ќе се направат анализите и ќе се види дали тврдењата за повисоки цени се точни ќе известат за тоа како ќе постапат понатаму

Цените на производите што граѓаните ги плаќаа на крајот од годината и на почетокот на оваа ќе бидат анализирани од страна на Министерството за економија, вели министерот Бесар Дурмиши.
Целта е, како што вели, да се види дали имало поскапување и девијантно однесување од страна на трговците.
„Идната недела ќе ги анализираме податоците за цените од крајните денови на декември и првите денови од јануари и ќе бидете известени дали има девијантно однесување од трговците или зголемување на цените“,
рече Дурмиши денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека откако ќе се направат анализите и ќе се види дали тврдењата за повисоки цени се точни ќе известат за тоа како ќе постапат понатаму.
Изјавата на Дурмиши доаѓа откако пред новогодишните празници граѓаните реагираа оти цените на производите во маркетите се многу високи.
Тие бараа да има „новогодишна кошничка“ или некои други мерки за интервенции врз цените, но тогаш премиерот Христијан Мицкоски рече дека такви мерки нема да бидат воведени.
Според него, се анализираат сите аспекти, но смета дека било каков интервенционизам ќе значи само префрлање во другите месеци.
„Да можеби во тие месеци ќе има поевтина цена, но трговците тоа подоцна го пренесуваат во следните месеци и на крај нето цената што ја плаќаат граѓаните е повисока. Таа е анализата што ја направивме, а која е резултат на овие кошнички. И, не само тука, сите оние земји што примениле таква анализа дошле до тој заклучок. Она што е важно ние да го направиме е да излеземе на терен и тоа го правиме“,
рече Мицкоски на почетокот на декември.
Неговите очекувања беа дека цените ќе се стабилизираат во наредните месеци, но доколку не се случи тоа рече дека ќе „одат чекор понатаму“.
Инаку, минатата недела Државниот завод за статистика излезе со најновите податоци за прометот во трговијата на мало со храна, пијалаци и тутун во ноември минатата година.
Според статистичкиот извештај, во ноември, реалната стапка на прометот кај храната, пијалаците и тутунот бележи пораст од 6,5 отсто во споредба со истиот месец во 2024 година. Номинално, овој пораст изнесува 13,7 отсто.
