Податоците од извештајот покажуваат дека бројот на живородени деца во последните десетина години е во постојан пад, во 2016 година имало 23 002 новороденчиња
Во извештајот се наведени и најчестите причини за смртта кај граѓаните. Најчесто се болести на циркулаторниот систем, неоплазми и ендокрини, респраторни и нервни болести

Очекуваниот животен век во земјава бележи пораст, но земјата изминатите шест години има негативен природен прираст.
Според „Статистичкиот годишник 2025“, просечниот животен век во 2024 година се зголемил на 76,6 години, а две години претходно бил 75,32 години. Подолговечни се жените каде просекот е 78,8 години, кај мажите тој е 74,4.
Но, во 2024 година земјава има негативен природен прираст. За една година во земјава се родиле 16 061 дете, што е за речиси 700 помалку од претходната година, додека починале 20 201 лице.
По региони, само Скопскиот Регион одржува позитивен прираст, додека во Пелагонискиот, Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот негативниот прираст на 1 000 жители бил над 4.

Според статистичкиот извештај, во Скопје најголем природен прираст на 1 000 жители имало во Сарај – 8,4 и во Чаир – 5,5, а најмал природен прираст имало во Кисела Вода – 4,2 и во Карпош – 3,9.
На ниво на државата, најголем природен прираст имало во Арачиново – 10,5 и во Студеничани – 9,7, Сарај – 8,4, Липково – 6,2, Чаир – 5,5, Зелениково – 5,3 и Шуто Оризари – 5,2.
Најмал природен прираст на ниво на држава имало во Ново Село – 14,8, Новаци – 13,7, Старо Нагоричане – 13,6, Кратово – 12,8, Берово и Чешиново и Облешево по – 10,3 и Росоман – 10,2.
Податоците од извештајот покажуваат дека бројот на живородени деца во последните десетина години е во постојан пад, во 2016 година имало 23 002 новороденчиња. Најголем негативен природен прираст има во 2021 година, кога се родиле 18 648, а починале 28 516 лица, што е намалување на населението од 9 868 лица.
Најголем дел од живородените деца – 42,7 проценти се првородени, 38,1 проценти се второродени, 13,2 третородени, 3,7 четвртородени и еден процент се петтородени. Според возраста на мајката, најголемиот дел од децата или 31,8 отсто биле од мајки на возраст помеѓу 25 и 29 години, и 30,8 проценти на мајки на возраст помеѓу 30 и 34 години.
Во извештајот се наведени и најчестите причини за смртта кај граѓаните. Најчесто станува збор за болести на циркулаторниот систем, неоплазми и ендокрини, респираторни и нервни болести.

Минатата година бројот на склучени бракови е намален за 1 600 на 11 066, додека бројот на разведени бракови е зголемен за 259 на 2 024.
По региони најмногу склучени бракови на 1 000 жители има во Полошкиот Регион – над 7,5, а најмалку во Пелагонискиот и Вардарскиот – под 5,5.
Минатата година во просек на 1 000 склучени бракови имало 183 разведени. Најмногу разведени бракови минатата година на 1 000 склучени имало во Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот Регион – над 200, а најмалку во Североисточниот Регион – помалку од 140.
По општини најмногу разведени бракови на 1 000 жители имало во Зрновци – 888, Лозово – 500, Росоман – 461, Градско – 437, Делчево – 386, Дојран – 363, Гевгелија – 319, Кавадарци – 316 и Центар – 308.
Според податоците, во 2024 година во општините Вевчани и Центар Жупа немало ниту еден развод, додека најмалку на 1 000 жители имало во Сопиште – 26,3, Липково – 32,4, Арачиново – 36, Сарај – 44 и Пехчево – 45,5.
