Првото новороденче во Македонија во новата 2026 година е женско бебе, соопштија синоќа од Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК). Бебето било родено точно на полноќ. На полноќ се родени и две близначки во Гинекологија Чаир
Градоначалникот на Град Скопје, денеска, на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) го посети првороденото бебе во новата 2026 година. Како што информираше тој на својот Фејсбук профил, бебето се вика Евгенија.

„Малата Евгенија е првото родено бебе во Скопје. Точно на полноќ, кога новата година ги отвори своите врати, Скопје ја пречека најубавата вест – се роди Евгенија Камчева, првото бебе во нашиот град. Нов живот, нова надеж и силен симбол за почеток исполнет со радост и вера во иднината. Нека расте жива и здрава, среќна со своите родители, со успеси што ќе ја водат напред и со живот исполнет со љубов, достоинство и можности. Нека расте во здраво и среќно општество, во град што ќе ѝ овозможи да сонува, да напредува и да верува. Нека оваа година биде плодна и бериќетна, година на нови животи, насмевки и радост. Нека секое новородено дете биде наша заедничка надеж и обврска, да градиме подобра иднина, посигурна држава и посилно општество. Тоа е нашата должност и наша најголема одговорност. Искрени честитки до мајката Емилија. Посакувам здравје, среќа и многу успеси. Добредојде, Евгенија. Ти си најубавиот почеток на новата година“,
напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Првото новороденче во Македонија во новата 2026 година е женско бебе, соопштија синоќа од Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК). Бебето било родено точно на полноќ.
Како што информираше денеска Директорката на ГАК Ирена Алексиоска-Папестиев, Евгенија била родена со царски рез, тешка е 2,8 килограми и долга 48 сантимери и е трето дете во семејството Камчеви. Мајката е 38-гидишната Емилија Камчева.
Мајката и бебето на ГАК денеска ги посетија и министрите за здравство и за социјална политика, Азир Алиу и Фатмир Лимани, заменикот за здравство Јовица Андовски, директорот на ФЗОМ Сашо Клековски и сопругата на премиерот, Рози Мицковска.
На полноќ се родени и две близначки во Гинекологија Чаир.
„Оваа година ќе биде благословена, ние како Министерство за здравство ќе инвестираме во инфраструктура и достоинствени капацитети за секое новороденче во нашата држава. Посакувам новороденчињата да имаат здрав живот и да живеат во благосостојба“,
рече Алиу.
