Тракторите на грчките земјоделци и во наредните три дена ќе останат паркирани на границата, но нема да го попречуваат сообраќајот
Земјоделците во цела Грција ќе ги стават во мирување блокадите на автопатиштата и граничните премини и ќе овозможат непречено одвивање на сообраќајот, а со цел да се олесни патувањето на граѓаните за Нова година. Блокадите ќе мируваат од денеска до петок, додека за в недела е најавен состанок на кој грчките земјоделци ќе одлучат за следните чекори, јави дописничката на МИА од Атина.

Граничниот премин „Евзони“ кон нашата земја изминатите четири дена, заклучно со вчера, беше блокиран во два наврати, од 12 до 16 и од 18 до 22 часот по локално време, од страна на земјоделците, чии трактори и во наредните три дена ќе останат паркирани на границата, но нема да го попречуваат сообраќајот.
Инаку, грчките земјоделци на почетокот на нивните протести најавија дека ако е потребно, Божиќ и Нова година ќе ги дочекаат на блокадите.
В недела напладне, кај патарината „Малгара“ во близина на Солун, ќе се одржи состанок на кој ќе присуствуваат претставници од сите земјоделски ограноци во Грција, на кој ќе разговараат и ќе одлучат за следните чекори.
Протестите на земјоделците во Грција траат веќе еден месец. Тие започнаа на 30 ноември поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, како и поради скандалот со субвенциите од Европската Унија за земјоделството.
Едно од нивните главни барања е исплата на заостанатите субвенции.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави оти очекува земјоделците до средината не јануари следната година да ги прекинат блокадите. Тој наведе дека во Грција има речиси 400 000 професионални земјоделци, а на блокадите има околу 4 000 трактори, што значи дека голем број од нив, меѓу кои и сточарите, не учестуваат во протестите.
„Колку повеќе се измачуваат граѓаните, толку повеќе земјоделците ја губат оправданоста на нивните барања, особено кога одбиваат да дојдат на дијалог“,
изјави Мицотакис.

Поради протестите и блокадите на грчките земјоделци, македонската влада на 23 декември донесе одлука за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата.
„Како што информиравме во текот на претходните денови, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството. Задолжителните резерви на нафтен дериват ќе се отстапат без надоместок, а АД ЕСМ за трошењето на нафтениот дериват мазут има обврска да доставува извештај до Владата и до Министерството за финансии“,
соопштија тогаш од Владата.
Одлуката дојде на барање на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), од каде преку писмо до Владата наведоа дека секојдневните блокади на грчките земјоделци ја отежнуваат доставата на енергенти потребни за производство на електрична енергија, поради што е потребно користење на државните резерви.
