Прославата започнува утревечер во 19:45 часот, а организаторите најавуваат концепт кој ќе ги задоволи вкусовите на сите возрасти

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, упати јавна покана до сите граѓани за заеднички дочек на новата 2026 година на плоштадот „Македонија“. Под мотото „Скопје знае да слави“, Градот подготвува музичка програма со учество на најпознатите имиња од домашната естрада.
Прославата започнува утревечер во 19:45 часот, а организаторите најавуваат концепт кој ќе ги задоволи вкусовите на сите возрасти.
Вечерта ја отвораат Миле Кузмановски и Огнен Здравковски. Потоа следуваат Дина Јашари, „Куку Леле“ и Тамара Тодевска.
Кулминацијата, како што велат од Градот, ќе биде со настапите на милениците најмладата публика Пајак, Лара и „Два бона“. Магичниот момент на пречекот на 2026 година ќе биде одбележан со настапот на Каролина Гочева.
Во својата објава на социјалните мрежи, градоначалникот Ѓорѓиевски потенцира дека оваа година фокусот е ставен на домашните изведувачи и дека прославата е подарок за „градот убав“.
„Почитувани скопјани, доста беше мрак. Време е за заедништво и за радост. Време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави, знае да обединува и знае да биде лидер во културните настани“,
пишува Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека програмата е создадена за Скопје повторно да живее, да пулсира и да сонува, повикувајќи ги граѓаните да ја почнат новата година со насмевки, позитивна енергија и незаборавни мигови.
Инаку, на плоштадот „Македонија“ со осветлувањето на елката на 15 декември почна предновогодишното празнување. Секојдневно од 18 часот граѓаните уживаа во богата програма со музички настапи, диџеј-сетови и уметнички изведби.
Од вчера, пак, до утре вечер скопјани имаат можност да уживаат во визуелно шоу, каде што на фасада од зграда на градскиот плоштад се проектираат анимирани содржини кои изгледаат како објектот станува уметност, реално се движи, менува форма и „оживува“.
