Шефот на руската дипломатија рече дека по нападот со беспилотни летала, позицијата на Москва во однос на преговорите со Украина ќе биде променета
На тврдењата на Москва реагираше украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој оцени дека се работи за уште една лага на Руската Федерација
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров тврди дека Украина се обидела да ја нападне резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во регионот Новгород во северниот дел на Русија.
Нападот се случил во текот на ноќта со 91 беспилотно летало со долг дострел, но според наводите на Лавров, сите биле уништени од руската воздушна одбрана и поради тоа нема жртви и не е предизвикана штета.

Шефот на руската дипломатија рече дека по нападот со беспилотни летала, позицијата на Москва во однос на преговорите со Украина ќе биде променета.
„Ваквите неодговорни дејствија нема да останат без одговор“,
рече Лавров додавајќи дека нападот претставува државен тероризам.
На тврдењата на Москва реагираше украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој оцени дека се работи за уште една лага на Руската Федерација. Според Зеленски, обвинувањата на рускиот министер за надворешни работи може да бидат увертира за понатамошни напади врз цивилни, но и клучни владини згради во Киев.
Украинскиот претседател оцени дека со обвинувањата Москва се обидува да ги поткопа мировните преговори.
„Јасно е дека вчера имавме средба со американскиот претседател Доналд Трамп и јасно е дека за Русите, ако нема скандал меѓу нас и Америка, а ние напредуваме, за нив тоа е неуспех. Тие не сакаат да ја завршат оваа војна, способни се да ја завршат само преку притисок врз нив. Па, сигурен сум дека бараа причини“,
изјави Зеленски.
