Поради пораст на невработеноста, околу 1,9 милиони луѓе или 37 проценти од работната сила се пријавиле за државна помош.
Швајцарската економија годинава ќе претрпи најголем пад во последните неколку децении, бидејќи пандемијата со коронавирусот тешко ги погоди производството и работните места, соопшти швајцарската Влада.
Сепак, она што е охрабрувачко за властите е дека падот ќе биде помал од очекуваниот и ќе изнесува 6,2 проценти.
Ова е најголем пад на швајцарскиот БДП од 1975 година, кога земјата беше погодена од последиците од нафтената криза. Стапката на невработеност, исто така, се очекува да се зголеми на 3,8 проценти, поради намалувањето во надворешната трговија, а се намалува и личната потрошувачка, додека компаниите допрва почнуваат да функционираат ослободени од мерките и забраните наметнати за да се запре ширењето на ковид-19.
Новата прогноза на Владата, сепак, е подобра во однос на падот од 6,7 проценти што го прогнозираа швајцарските владини економисти во април и е поповолна од очекувањата за другите европски земји. ОЕЦД предвидува пад од 11,5 проценти за Велика Британија, 11,4 за Франција и 11,3 отсто за Италија.
Швајцарската влада очекува постепено закрепнување во текот на втората половина од годината, доколку не се случи масовен втор бран на болеста, што би предизвикало нови сериозни ограничувања. За 2021 година се предвидува економски раст од 4,9 проценти, иако невработеноста ќе остане висока според швајцарските стандарди, на 4,1 процент.
Швајцарската Влада на кризата одговори со стимулативен пакет вреден повеќе од 60 милијарди франци, близу 10 проценти од националниот БДП, а над 15 милијарди швајцарски франци за заеми за итни случаи беа распределени на речиси 130 000 компании. Околу 1,9 милиони луѓе или 37 проценти од работната сила се пријавиле за државна помош.