Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, се емитува вечерва (29 декември 2025 г.) од 20:30 часот на МРТ 1
Нема домаќинство во земјава што не го засега цената на електричната енергија зашто сметката за струја е значајна ставка во семејниот буџет, особено во зимскиот период. Регулаторната комисија за енергетика минатата недела ги објави новите цени, кои, според нивните пресметки, ќе значат зголемување на сметките од 57 до 900 денари месечно во зависност од тоа кое домаќинство до кој блок досега со потрoшувачката. Но, низ призмата на јавниот интерес, ова не е само прашање на цена на струјата, туку и прашање за тоа дали и колку отчетно се трошат јавните пари, зашто цените што ги плаќаме како домаќинства не се пазарни, туку субвенционирани од државата. Претходната влада тоа го правеше преку директни трансфери од буџетот кон државните електрани (ЕСМ), а актуелната влада тоа го прави со тоа што им дава државни гаранции на „Електрани на Северна Македонија“ да се задолжуваат со кредити кај комерцијалните банки. Колку треба да загрижува трендот на одење во минус на ЕСМ и дали се реалистични најавите на премиерот дека со домаќинско работење државната компанија ќе се стабилизира до крајот на 2027 г.? Разговараме и за последиците за земјава од влегувањето во сила на СИБАМ, механизам на Европската Унија кој поедноставено значи воведување т.н. јаглеродна такса за шест категории производи: цемент, алуминиум, ѓубрива, железо и челик, водород и електрична енергија заради поттикнување почисто индустриско производство во земјите надвор од ЕУ. Ова е грубата рамка за разговорот со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Емисијата се емитува од 20:30 часот на МРТ 1.
