Јаневска посочи дека ќе има нов софтвер за откривање препишани трудови и плагијати, а најави и т.н. ѕид на срамот на кој ќе се објавуваат несоодветните трудови зашто на разни универзитети, како што рече, поминуваат магистратури и докторати кои се на ниво на ученички трудови
Планот за доградба на новите згради на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура е во напредна фаза – в среда се очекува да се распише тендерот за репроектирање, информира министерката за образование Весна Јаневска на брифинг со новинарите.
Изминатиов период, како што рече таа, тим од експерти анализирал во каква состојба се објектите. Во работната група учествувале претставници од Градежниот факултет, Институтот за земјотресно инженерство и други надлежни институции. Објектите нема да имаат барокна, туку модерна фасада и, според новиот проект, е предложено двете згради да бидат поврзани со мост.
Од идната година, како што посочи министерката, ќе се менува полагањето на државната матура. Се воведуваат два типа матура – за гимназиско и за стручно образование.
Ќе продолжи воведувањето едносменска настава – досега се опфатени околу 200 училишта. Етапно ќе се воведува електронското свидетелство, годинава за учениците од прво до трето одделение, а следните учебни години и за погорните одделенија.

Фото: Архива
Новиот закон за високо образование до крајот на годинава треба да биде поставен за дискусија на Електронскиот национален регистар на прописи. Нацрт-верзијата е готова, но се чека да го одобрат стручни лица пред да биде поставен на ЕНЕР заедно со Законот за квалитет во високото образование и Законот за научноистражувачка дејност, порача Јаневска.
Меѓу поважните новини во легислативата е воведувањето построги критериуми за напредување во академски звања и за реизбор на редовните универзитетските професори.
Јаневска посочи дека ќе има нов софтвер за откривање препишани трудови и плагијати, а најави и т.н. ѕид на срамот на кој ќе се објавуваат несоодветните трудови зашто на разни универзитети, рече, поминуваат магистратури и докторати кои се на ниво на ученички трудови.
Министерката најави дека во 2026 ќе продолжат инвестициите во образованието – предвиден е поголем буџет за наука, 166 инфраструктурни проекти, а од март ќе има покачување на платите на наставниците во основното и во средното образование од 7,5 до 10 проценти.
„Имаме учебници на кои учениците и наставниците не се жалат, има по некоја поплака, но оваа година ќе биде поинаку. Направивме многу – седум закони имавме, а спремни се следните седум. Не секогаш од министерството и од министерот зависи како ќе се одвиваат работите, но јас се надевам дека ќе се одвиваат во најдобар ред“,
порача Јаневска.
Меѓу најзначајните реализирани проекти, според Јаневска, е дигитализацијата.
„Дигитализирани се стипендиите, сместувањето во студентските домови, јавните повици, нострификацијата на свидетелства, обуките за наставници и проектите за безбеден интернет. Дигитализацијата е клучна алатка во борбата против криминалот и корупцијата“,
рече Јаневска.
