Во своите завршни зборови, обвинителката Марија Џабирова-Велков побара Судот да има предвид дека се работи за тешко кривично дело со висок степен на општествена опасност и на обвинетиот да му одреди казна согласно законот и покрај тоа што ја признал вината
Адвокатот Гоце Ристески, кој е бранител на обвинетиот, рече дека Судот треба да ги има предвид олеснителните околности кои пред сè се однесуваат на годините на обвинетиот и на неговите лични и семејни прилики. Рече дека Љури живее во вонбрачна заедница со својата вереница повеќе од две години, која во меѓувреме дознала дека е бремена
Со дополнување на доказната постапка и завршни зборови на Обвинителството и одбраната денеска во Основниот кривичен суд Скопје заврши главната расправа за судењето против 25-годишниот Фатон Љури од Скопје, кој е обвинет за сообраќајната несреќа од 1 јули годинава кога со мотор „кавасаки“ удри и го усмрти 68-годишниот Југослав Николовски на пешачка патека во близина на кејот на Вардар.
Дополнението на доказната постапка која до Судот и до Обвинителството ја достави адвокатот на обвинетиот, Гоце Ристески, се однесува на здравствената состојба на Љури во текот на извршување на казната, а е поткрепена со лабораториски анализи и радиолошки извештај од 12 ноември годинава.

По разгледувањето на новите докази, обвинителката Марија Џабирова-Велков рече дека тие не се спорни ниту за Обвинителството ниту за Судот, по што Кривичен го прифати предлогот на одбраната за дополнение на доказната постапка со целокупната медицинска документација за состојбата на обвинетиот.
Во своите завршни зборови, обвинителката Џабирова-Велков побара Судот да има предвид дека се работи за тешко кривично дело со висок степен на општествена опасност и на обвинетиот да му одреди казна согласно законот и покрај тоа што ја признал вината за делото и изразил каење.
„Казната треба да обезбеди правична сатисфакција за загубениот живот, да влијае во спречување на вакви постапки во иднина и да претставува можност за сторителот да ја сфати сериозноста на последиците од своето несовесно и незаконско постапување. Судот не смее да ја занемари запретената казна и покрај признанието и да ја цени истата како релација со јавниот интерес и заштитеното добро, а тоа во случајот е животот на луѓето“,
рече обвинителката Џабирова-Велков, додавајќи дека казнената политика во вакви случаи треба да придонесе кон изградба на високи стандарди за лична одговорност за сите учесници во сообраќајот.
Обвинителката се осврна и на состојбата на семејството на починатиот Југослав – неговата сопруга и двете ќерки, оценувајќи дека претрпеле ненаместлива загуба и траума од настанот. Посебно тешка, како што рече, е состојбата на една од ќерките, која по сообраќајката дознала дека го загубила својот плод во третиот месец од бременоста.
Завршен збор на денешното рочиште даде и сопругата на починатиот Југослав.
„Верувам во соодветна и правилна правилна за нашиот Југо“,
рече кусо таа.

Адвокатот Гоце Ристески, кој е бранител на обвинетиот Фатон Љури, во своите завршни зборови рече дека Судот треба да ги има предвид олеснителните околности кои пред сè се однесуваат на годините на обвинетиот и неговите лични и семејни прилики. Рече дека Љури живее во вонбрачна заедница со својата вереница повеќе од две години. На 9 мај годинава таа во сообраќајна несреќа го загубила својот брат.
„По смртта на својот брат, нејзиниот вонбрачен партнер ја прави сообраќајната несреќа со смртни последици, по што завршува со мерка притвор. Во меѓувреме, вонбрачната партнерка на обвинетиот останува бремена при што нејзината психичка состојба кулминира по трагичниот настан и посегнува по својот живот, пие таблети и завршува на Клиниката за токсикологија, но за среќа без последици по својот и по животот на плодот“,
изјави адвокатот Гоце Ристески, додавајќи дека Судот има психијатриско вештачење за состојбата на партнерката на обвинетиот, кое го потврдува влијанието на настанот врз нејзината состојба.
Повикувајќи се на претходни пресуди за слични случаи, адвокатот рече дека не смее да се дозволи заострена казнена политика за случајот, бидејќи не се работи за убиство со умисла.
Обвинетиот Фатон Љури во своите завршни зборови уште еднаш рече дека жали за стореното, дека не бега од одговорноста и дека прифаќа да биде казнет соодветно.
