За утре се прогнозира облачно време со повремени локални врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во текот на ноќта, а на планините врнежите ќе бидат од снег

Променливо облачно време најавуваат за денеска од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Во претпладневните часови по одделни котлини ќе има појава на магла, а попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините врнежите ќе преминуваат во снег. Во текот на денот ќе дува и слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Утринската температура ќе биде од минус три до три Целзиусови степени, а дневната од шест до 12 степени.
И во Скопје времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Температурата ќе се движи од нула до седум степени.
За утре се прогнозира облачно време со повремени локални врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Во текот на денот ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Температурата ќе биде во интервал од четири до девет степени.
Под влијание на влажни воздушни бранови во среда и во четврток ќе има повремени локални врнежи од дожд, кои на некои места ќе бидат пообилни со наврнати над 25 литри на квадратен метар за 24 часа. На планините врнежите ќе бидат од снег, при што ќе се формира снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Поради спуштање на постуден воздух од север, врнежите ќе преминуваат во снег и на некои од пониските места. Од петок ќе има стабилизирање на времето.
