Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, министерот за надворешни работи и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, одговараше на прашања за конгресот на ДУИ што се одржа изминатиот викенд

360°: Од изминатиот викенд актуелен е конгресот на ДУИ, опозициска партија благодарение на одлуките на вашата партија да направи влада со ВЛЕН. Пред да се осврнеме на главното политичко барање што беше испорачано, сакам да ве прашам околу нивото на претставеност на ВМРО-ДПМНЕ. Впечатливо беше присуството на генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски и заменик-координаторката на пратеничката група Дафина Стојаноска. Тоа не ли е превисоко ниво за квалификациите што ги користите за ДУИ во политичката комуникација?
Квалификациите што ги користиме за ДУИ се квалификации коишто се реален репрезент на тоа што таа политичка партија го прави во своето тековно функционирање. Нашиот однос кон ДУИ и нашиот став за ДУИ е кристално јасен. Веројатно во некои моменти и за нас можеби било полесно да се направи коалиција со ДУИ, но сме одлучиле да одиме по потешкиот пат, бидејќи сме верувале дека за ДУИ е добро да почнат процесите на внатрешна реформа и партијата да замине во опозиција. Така што, нашиот однос кон ДУИ најдобро се рефлектира преку тоа што се гледа каде е ДУИ сега. ДУИ, поради цврстото позиционирање на ВМРО-ДПМНЕ, е во опозиција. И ДУИ, поради силното политичко дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, остана во опозиција и по завршување на локалните избори,
рече Муцуннски.
360°: Што значеше присуството на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ на конгресот?
Ние сме политичка партија којашто ја цени демократијата и демократските вредности. Тоа значи дека ние, можеби не се согласуваме по однос на политички ставови коишто ги имате, можеби и ќе дејствуваме сè што можеме да превенираме ваше учество во активното работење на власта, но тоа не значи дека ние нема да ве почитуваме. Ние треба да ги почитуваме сите политички субјекти во државата, на коишто граѓаните во некоја форма им даваат легитимитет. Има многу политички субјекти со коишто и јас лично имам дијаметрално спротивставени позиции, не само по однос на нивното функционирање, туку по однос на нивната идеолошка поставеност, по однос на нивните стратешки определби. Но, тоа не значи дека доколку тие нè поканат да бидеме присутни на нивен конгрес, нема да им дадеме минимална почит. Јас ги почитувам и тие со коишто не се согласувам, и токму присуството мислам дека беше еден знак на меѓусебна почит дека сите учествуваме во политичкиот живот во оваа држава и сите имаме некоја форма на поддршка дадена од страна на граѓаните,
вели Муцункси.
360°: Поврзано веројатно и со вашата одлука во 2024 за партнер во владата да го изберете ВЛЕН, а не ДУИ, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од овој конгрес испорача политичко барање: Владата во иднина да се избира со Бадентерово мнозинство во парламентот, а исто така и Уставниот суд, кога ќе носи одлуки за закони коишто во Собранието се носат со Бадентерово мнозинство, да решава со Бадентерово мнозинство. Како ги разбирате овие барања на Ахмети?
Мислам дека господинот Ахмети уште живее во фолклорот од кога првпат има земено учество во владата од 2002 година. Поминати се многу години, повеќе од 20 години од времињата во коишто е заглавена неговата свест. Можеби длабоко во себе знае дека сите овие работи за коишто зборува се нереални, но очигледно се чувствува дека му е стеснет политичкиот простор и нема друга тема на којашто може да дискутира. Јас не верувам дека има во оваа држава млад Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Влав, којшто верува во сите овие работи. Јас знам дека нашите граѓани очекуваат да обезбедиме подобри услови во делот на стандардот на живеење. А овој политички фолклор е фолклор којшто потекнува од период којшто е од пред 20, па и повеќе од 20 години, но недостатокот на креативност и визија е причината зошто ДУИ е во опозиција. А по оваа реторика којашто доаѓа од господинот Ахмети, тоа што мене ми станува сè појасно, е дека ДУИ уште еден подолг период веројатно ќе мора да остане опозиција,
изјави Муцункси.

360°: На тема Бадентер, или избор на влада со Бадентер, како што вели Ахмети. Тоа што го имате малцинскиот претставник на Албанците во парламентот за партнер во владата, ви прави проблем при гласањата во Собранието. Често пати не можете да истуркате закони коишто се носат со Бадентер, затоа што ви треба поддршката од другите претставници на немнозинските заедници во Собранието. Така што, Бадентер е важен механизам при носењето на одлуките во Собранието.
Неспорно е дека тој механизам е дел од нашиот уставно-правен поредок. Но, истовремено не е механизам којшто се користи за избор во влада, за гласање во Уставниот суд. Вие замислете хипотетички кога би дозволиле Бадентер, еве да се согласиме, што не се согласуваме, од старт ви кажувам, Уставниот суд да го претвориме во алтернативен, втор законодавен дом во државата? Не е тоа неговата функција. Од уставно-правна гледна точка, јас ви кажувам, апсолутно нелогично е тоа што го зборува господинот Ахмети. Од гледна точка на државното уредување, исто така е нелогично. Неспорно е дека на моменти има одредена комплексност при обезбедување на Бадентер, но тоа што би ви го кажал е дека во актуелниот мандат на владата, законите коишто се поврзани со Бадентер во огромен обем (не сите, но во огромен обем) се закони поврзани со европската интеграција на државата – закони коишто ќе имаат европско знаменце. И на крајот на денот, ако пратениците од опозицијата одлучат дека не сакаат да поддржуваат закони коишто се дел од европската агенда, тоа е па една потврда за друга лицемерност. Постојано на прес-конференции повикуваат за забрзување на процесот на европска интеграција, но еве гледаме како за тесни политички интереси не обезбедуваат Бадентерово мнозинство за закони коишто се поврзани со европската интеграција,
додаде Муцунски.
360°: Ако сме чесни, знаат и да гласаат.
Знаат. Затоа велам, не секогаш. И затоа велам дека политиката не е чиста аритметика. Има човечки фактор којшто секогаш е вклучен, има суштински прашања за коишто дискутираме, често се случува и во измените и дополнувањата на законот да има и некој инпут којшто ќе дојде од опозиција. И дека бил сложен процесот на обезбедување за Бадентерово мнозинство на оваа влада, на моменти ќе се согласам со вашата констатација – да, во право сте. Но, дали создало некоја поголема пречка во функционирањето на владата или во испораката на реформската агенда на државата? Барем такво нешто, до овој момент, кога го правиме ова интервју, јас не сум видел,
изјави Муцунски.
