Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за енергетика во Собранието, Бојан Стојаноски во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител рече дека ако Владата одлучи да прогласи кризна состојба и парламентот ќе даде зелено светло
АД ЕСМ преку писмо побара од Владата да прогласи кризна состојба на пазарот со струја, објави ТВ Сител. Причина за тоа се секојдневните блокади на грчките земјоделци, поради што е отежната доставата на енергенси потребни за производство на електирчна енергија.

Поради тоа, ЕСМ преку писмо побара од Владата да се користат државните резерви. Информацијата за ТВ Сител ја потврдија од Владата, посочувајќи дека за дописот од ЕСМ ќе се одлучува идната недела на владина седница.
„Ваквата иницијатива за активирање на државните резерви произлегува од состојбата со блокадите на грчите земјоделци, поради што не може да се рееализира набавката на мазут, неопходен во делот на производството“,
велат од Владата.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за енергетика во Собранието, Бојан Стојаноски во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител рече дека ако Владата одлучи да прогласи кризна состојба и парламентот ќе даде зелено светло.
„Оваа кризна состојба се бара за да се даде можност Владата да ги отстапи државните резерви на компанијата за да може да произведува струја и топлинска енергија, додека не се реши проблемот со блокадите на граничните премини со соседна Грција, заради протестите на земјоделците“,
рече Стојаноски.
Илјадници земјоделци во Грција веќе трета недела ги блокираат главните автопати, но и граничните премини.
Бараат итна исплата на сите долгови што им ги должи државата, гарантирани минимални цени што ќе ги покриваат трошиците за производство, намалување на трошоците за производство, надомест на изгубениот приход за 2025 година за сите производи чии цени паднале под трошоците за производство, запирање на масовните увози и лажно прикажување на стѕранските земјоделски производи како домашни. Бараат и итно зголемување на земјоделските пензии.
Дополнително бараат политичка и кривична одговорност за корупцискиот скандал во државата со европските земјоделски субвенции (ОПЕКЕПЕ), и да се вратат украдените средства на вистинските корисници.
Се очекува блокадите да продолжат и следната седмица, за време на празникот Божиќ.
