СДСМ до Уставниот суд денеска поднесе претставка за уривање на правниот поредок откако владејачкото мнозинство во Собранието усвои „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“
Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја поднесената претставка на СДСМ за изгласаната „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, истакна дека тој нема да коментира и остава Уставниот суд да донесе одлука за оваа иницијатива.

„Јас немам коментар. Сепак, тука е Уставниот суд. Тој треба да донесе одлука за иницијативата на СДСМ. Јас навистина жалам што СДСМ не беше во рамките на парламентот да изгласа Резолуција со којашто заеднички ќе се обврземе дека која било влада во Македонија нема да дозволи изградба на мигрантски кампови, дека нема да дозволиме прифаќање на каков било тип мигранти или неуспешни апликации на азиланти кои се резултат на каков било договор и на каква било политика. Тие одлучија да калкулираат и ја напуштија салата. Јас навистина жалам бидејќи претходно водеа една лажна кампања дека сме се сложиле за нешто за што не сме се сложиле. Еве, нека одлучи Уставниот суд. Јас не ги коментирам одлуките на Уставниот суд. Тоа сум го кажал многупати во минатото“,
рече Мицкоски по посетата на фабриката „Алкалоид“ АД Скопје.
СДСМ до Уставниот суд денеска поднесе претставка за уривање на правниот поредок откако владејачкото мнозинство во Собранието усвои „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
Собранието завчера ја усвои „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, поднесена од парламентарното мнозинство. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, тогаш истакна дека парламентарното мнозинство и Владата имаат јасна и непроменлива политика против нелегалната миграција и дека никогаш не било побарано, ниту ќе се дозволи, изградба на мигрантски кампови или трајно сместување мигранти во државата. Според него, со Резолуцијата се става крај на шпекулациите и дезинформациите што создаваат страв и несигурност кај граѓаните.
