Жрепката за плејофот е закажана за 16 јануари во Нион

Македонскиот шампион Шкендија го оствари најголемиот успех во историјата на македонскиот клупски фудбал, обезбедувајќи пласман во нокаут фазата од Лигата на конференции.
Иако Шкендија претрпе минимален пораз од 1-0 на гостувањето кај кипарски АЕК, резултатите од останатите натпревари и претходно освоените бодови беа доволни за историски успех. Тетовските „црвено-црни“ ја завршија групната фаза на 22. место на табелата со вкупно седум бодови.
Натпреварот во Ларнака започна добро за македонскиот шампион, а избраниците на Шкендија успешно ги одбиваа нападите на домаќинот во првите 45 минути, заминувајќи на одмор со посакуваните 0-0.
На почетокот на вториот дел Љатифи заработи исклучување поради груб прекршок, оставајќи го својот тим со десет фудбалери на теренот. АЕК ја искористи предноста со играч повеќе и во финишот на мечот, во 83. минута Ангиелски го постигна единствениот погодок за победа на домаќините.
Со пласманот меѓу екипите од 9. до 24. место, Шкендија влегува во плејофот за пласман во осминафиналето. Жрепката за плејофот е закажана за 16 јануари во Нион.
Првите натпревари за плејофот се закажани на 19 февруари, а реваншите се една недела подоцна, на 26 февруари.
