За денеска попладне е закажан и нов состанок на земјоделците во градот Серес, на која треба да ги одредат нивните следни чекори, односно дали ќе ја прифатат поканата на грчката влада за дијалог, како и дали ќе продолжат со блокадите и за време на следната седница, за време на празникот Божиќ
Грчките земјоделци попладнево повторно ќе ги блокираат граничните премини „Евзони“ и „Ники“, односно „Богородица“ и „Меџитлија“ од македонска страна. Едниот граничен премин ќе биде затворен за сите возила, а другиот само за товарни возила, како што е и пракса во изминатите денови.

На „Евзони“ веќе 18 дена се паркирани над 300 трактори. Блокади има и на другите гранични премини, како на „Промахонас“ и „Ексохи“ кон Бугарија, но само за камиони.
За денеска попладне е закажан и нов состанок на земјоделците во градот Серес, на која треба да ги одредат нивните следни чекори, односно дали ќе ја прифатат поканата на грчката влада за дијалог, како и дали ќе продолжат со блокадите и за време на следната седница, за време на празникот Божиќ.
Паралелно со блокадите на граничнит епремини, грчките земјоделци прдолжуваат и со затварање на автопатите низ земјата. Главната блокада е во централна Грција, кај Никеа во близина на Лариса, на автопатот Солун – Атина, каде сообраќајот се одвива по споредните патишта.
Грчите земјоделци на состанокот во саботата со претставници од целата земја, одлучија да не одат на средба со грчкиот премиер, а воедно испратија писмо до Владата во кое ги приложија нивните барања.
Тие бараат итна исплата на сите долгови што им ги должи државата, гарантирани минимални цени што ќе ги покриваат трошиците за производство, намалување на трошоците за производство, надомест на изгубениот приход за 2025 година за сите производи чии цени паднале под трошоците за производство, запирање на масовните увози и лажно прикажување на стѕранските земјоделски производи како домашни. Бараат и итно зголемување на земјоделските пензии.
Се осврнаа и на скандалот со европските земјоделски субвенции и бараат да се вратат и распределат украдените средства на вистинските корисници.
Грчкиот министер за земјоделство, Костас Циарас во понеделникот ги повика грчките земјоделци на дијалог и ја остави отворена можноста за нови мерки за нивна поддршка.
Протестите започнаа на 30 ноември поради зголемените трошоци за производство и ниските откупни цени, како и поради скандалот со европските земјоделски субвенции (ОПЕКЕПЕ), за кој бараат да се утврди политичка и кривична одговорност и да се вратат украдените средства на вистинските корисници.
