Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, порача дека Меморандумoт за електронска размена на податоци со Бугарија е доказ за посветеноста за подобрување на системот на функционирање на „Зелените ленти“ преку електронска размена на податоци уште пред стоката да пристигне на граница
Во рамките на Самитот ЕУ – Западен Балкан, вчера во Брисел беа потпишани билатерални договори со кои се зајакнува соработката на царинската управа на Албанија, Молдавија и Северна Македонија со Грција, Бугарија и Италија. Меморандумите се потпишани во присуство на еврокомесарката Марта Кос, а имаат за цел да го намалат времето на чекање на граничните премини и да го олеснат движењето на стоки.

Од Европската Унија појаснуваат дека трите нови договори се темелат на постојните билатерални меморандуми што се веќе во сила на другите граници меѓу партнерите во регионот, а одредбите за размена на царински податоци помеѓу земјите членки во Европската Унија и земјите надвор од Унијата може да стапат во сила само откако ќе се воспостави потребната правна рамка на ЕУ и ќе почне да важи Царинската реформа на ЕУ.
„Паралелно, Европската Унија исто така става 54 милиони евра на располагање за да се вложат во 11. приоритетни гранични премини, со што се обезбедува непречен проток на стоки. Ова е конкретен чекор кон постепена интеграција на партнерите од Западен Балкан во Единствениот пазар на ЕУ, како што е предвидено со Планот на ЕУ за раст за Западен Балкан, усвоен во 2023 година“,
наведуваат од ЕУ.
Меморандумите се дел од Планот за раст на ЕУ за Молдавија и Иницијативата „Зелени ленти“ на ЕУ и Западен Балкан, предводена од Транспортната заедница и Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА). Со воспоставувањето на „Зелените ленти“, регионот на Западен Балкан се приближува до ЕУ и се прави исчекор кон подобро управување со границите и намалување на времето на чекање за патниците и товарот.
Директорот на Царинската управа на Македонија, Бобан Николовски, порача дека Меморандумoт за електронска размена на податоци со Бугарија е доказ за посветеноста за подобрување на системот на функционирање на „Зелените ленти“ преку електронска размена на податоци уште пред стоката да пристигне на граница.
