Во врска со случајот е извршено и медицинско вештачење на обвинетиот со оглед на тоа што по неговото приведување беше утврдено дека станува збор за лице со здравствени проблеми, кое претходно било спроведувано во Психијатриската болница во Бардовци. И покрај претходната душевна здравствена состојба, како што велат од Обвинителството, вештачењето покажа дека тој делото го извршил во состојба на пресметливост
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинение и издаде наредба за продолжување на мерката притвор против 43-годишниот маж кој минатата недела насилно упадна во студиото на редакцијата „Инфомакс“ додека се одвиваше програма во живо. Според обвинението, тој се товари за насилство и спречување на службено лице во вршење службено дејствие.

Од Обвинителството наведуваат дека обвинетиот извршил грубо насилство кон двајцата новинари и кон гостинот во емисијата, со што ги попречил новинарите во вршење на професионалната дејност.
„Додека емисијата ‘Тешки муабети’ се емитувала во живо на Јутјуб и на социјални мрежи, обвинетиот пишувал навредливи и заканувачки коментари за еден од новинарите поради критиките што во емисијата биле упатувани кон премиерот. Потоа обвинетиот дошол на адресата на која се наоѓа студиото, ја обил влезната порта, ги искршил и влезната врата од објектот и вратата на студиото, па како резултат на тоа емисијата била прекината“,
наведуваат од ОЈО Скопје.
Оттаму додаваат дека еден од оштетените се обидел да го задржи обвинетиот да не влезе во студиото, но тој продолжил вербално да ги напаѓа и да им се заканува по живот, а се обидел и физички да ги нападне, замавнувајќи со рацете и фрлајќи со чаша кон нив. По повикот на полиција, оштетените во меѓувреме успеале да го смират обвинетиот и да го извадат надвор од нивното студио.
Во врска со случајот е извршено и медицинско вештачење на обвинетиот со оглед на тоа што по приведувањето на 43-годишникот беше утврдено дека станува збор за лице со здравствени проблеми, кое претходно било спроведувано во Психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци.
„Медицинското вештачење на обвинетиот покажа дека и покрај неговата претходна душевна здравствена состојба, тој делото го извршил во состојба на пресметливост“,
велат од ОЈО Скопје, додавајќи дека со насилничките дејствија обвинетиот предизвикал чувство на несигурност и страв кај оштетените и другите присутни лица.
Поврзани вести:
- „Инфомакс“ објавија за насилен упад во нивното студио, очекуваат реакции од надлежните институции
- МВР го приведе скопјанецот што упадна во студиото на „Инфомакс“, велат дека имал здравствени проблеми
- ЗНМ остро го осуди нападот врз редакцијата на „Инфомакс“, бара итна реакција од институциите
- OJO Скопје бара притвор за напаѓачот што упадна во студиото на „Инфомакс“
