Новите закони предвидуваат пошироки овластувања на министерот за внатрешни работи во делот на визната политиката, како и воведување нови прекршочни и кривични квалификации поврзани со говорот на омраза и ширењето антисемитизам
Австралискиот премиер Ентони Албанезе најави заострување на законите насочени против говорот на омраза, како дел дел од мерките по смртоносниот напад на плажата Бонди во неделата, каде беа убиени 15 лица на настан по повод првиот ден од прославата не еврејскиот празник Ханука.

Новите закони ќе бидат насочени кон „оние што шират омраза, поделби и радикализација“, изјави Албанезе за новинарите во Канбера, пренесе Би-би-си.
Според најавите, на министерот за внатрешни работи ќе му бидат дадени нови овластувања, односно тој ќе може да одлучува за одбивање или престанок на важење на визите за престој во земјата, доколку се утврди дека нејзин носител е лице кое шири говор на омраза. Дополнително, ќе биде формирана и нова работна група, чија задача ќе биде да осигури дека образовниот систем во земјата ефикасно работи на спречување, справување и навремено реагирање на манифестирањето антисемитизам.
Новите закони, како што наведува британскиот национален радиодифузер, ќе вклучуваат и казни за свештени лица, проповедници и лидери кои промовираат насилство, а ќе биде воведен и нов прекршок – „тежок говор на омраза“, кој ќе важи на федерално ниво. Ширењето говор на омраза ќе се смета и како отежнителна околност при изрекувањето казни за закани и вознемирување преку интернет и на социјалните мрежи.
„Секој еврејски Австралиец има право да се чувствува безбеден, ценет и почитуван за придонесот што го дава за нашата голема нација. Терористите инспирирани од ИСИС („Исламска држава“) се обидоа да ги свртат Австралијците едни против други. Австралијците одговорија на тој чин на омраза со љубов и сочувство за оние што се во жалост“,
изјави Албанезе.
Австралискиот премиер додаде дека неговата влада „целосно ќе ги поддржи и усвои“ препораките објавени во јули во извештајот на претставничката за антисемитизам, Џилијан Сегал, која исто така зборуваше на прес-конференцијата.
Таа рече дека земјата е исправена пред многу важен момент не само за тамошната заедница, туку во борбата против антисемитизмот низ целиот свет.
Инаку, како што потсетуваат медиумите, нејзиниот извештај беше критикуван од одредени кругови по неговото објавување поради импликации врз слободата на говорот, плановите за следење на универзитетите и уметничките организации, како и прекинот на нивно финансирање доколку се оцени дека не успеале да се справат со манифестации на антисемитизам.
Критиките, во овој контекст, беа дека постои загриженост оти одлучувањето за финансирање може да се искористи за замолчување на пропалестинските протести.

Според министерот за внатрешни работи на Австралија, Тони Бурк, владата „го поместува прагот“ во политиките против говорот на омраза и антисемитизмот.
„Имало поединци кои успеале да експлоатираат нација која имала различни принципи на слобода на говор и отишле до граници на јазикот што се очигледно дехуманизирачки, неприфатливи. За такво нешто нема место во Австралија“,
рече тој.
Во меѓувреме, Албанезе ги прифати обвинувањата од еврејската заедница дека неговата влада не направила доволно за да го спречи антисемитизмот од нападот на 7 октомври врз Израел од страна на Хамас, велејќи дека можело да се направи повеќе.
„Ја прифаќам мојата одговорност за тоа како премиер на Австралија. Но, она што го правам е и прифаќање на мојата одговорност да ја водам и да ја обединам нацијата. Бидејќи она што луѓето го бараат во овој момент не е поголема поделба“,
рече австралискиот премиер.
