Ексградоначалничката ја прозва ДКСК да се занимава со мултимилионската корупција, сериозните криминали и институционалното непостапување за бројни случаи во земјава, наместо да се заканува со парични казни за обврска за која, како што вели, очигледно не ги информирала сите 35 ексградоначалници кои не се реизбрани
Поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, тврди дека никој не ја информирал дека по престанокот на функцијата треба да поднесе изјава за својата имотна состојба.

Во оваа смисла, таа преку писмен допис остро реагираше на потегот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која ја стави на листата градоначалници кои не поднеле изјава за нивната имотна состојба по престанокот или по почетокот на мандатот.
Во дописот до ДКСК кој го испрати и до медиумите, Арсовска тврди дека е мета на јавен линч за деградација.
„Доколку ја извршувате вашата функција соодветно и доследно, нема тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација, бидејќи да сте биле професионални и да сте го застапувале законот, ќе нè информиравте лично за обврската или со соопштение преку медиумите – ете баш на истиот начин на кој, за жал, настапивте за да си направите себепромоција дека не се поднесени изјави за престанок“,
пишува Арсовска во дописот до ДКСК.
Арсовска ја прозва ДКСК да се занимава со мултимилионската корупција, сериозните криминали и институционалното непостапување за бројни случаи во земјава, наместо да се заканува со парични казни за обврска за која, како што вели, очигледно не ги информирала сите 35 ексградоначалници кои не се реизбрани.
„Да си ја вршевте работата како што треба и да соработувавте со институциите, на почетокот на мандатот ќе ги информиравте за постоењето на обете обврски“,
вели Арсовска и додава дека по престанокот на градоначалничката функција во нејзината имотна состојба нема никакви промени согласно денот на завршување на мандатот.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) вчера ги објави списоците со имињата на градоначалници кои не поднеле изјава за имотната состојба и интереси. Антикорупциска објави два списоци – едниот со имињата на градоначалниците на кои им престана функцијата, а другиот со оние кои освоија четиригодишен градоначалнички мандат на неодамнешните локални избори.
На листата се најдоа и ексградоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и нејзиниот наследник на функцијата, Орце Ѓорѓиевски, кои не поднеле изјава за својата имотна состојба по престанокот, односно по почетокот на мандатот.
