Телото на новороденчето е предадено на Институтот за патологија за обдукција, но конечниот извештај сè уште не е изготвен. Комисијата за квалитет на Клиниката веќе одржала два состаноци во текот на октомври за да го разгледа случајот согласно законските процедури

Колабирано белодробно крило, отежнато дишење и прекумерна акумулација на течност во интрацелуларните или екстрацелуларните простори на мозокот и кардиореспираторна инсуфисиенција се причините за смртта на новороденчето на родилката В. И. од Арачиново. Ова денеска го соопшти директорот на Државниот санитарен и здравствени инспекторат (ДСЗИ), Кирил Лазов, по извршениот вонреден инспекциски надзор на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК).
Лазов рече дека од министерот за здравство е иницирано формирање комисија за стручен надзор, која треба да утврди дали има пропусти во третманот и лекувањето на починатото дете на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Тој информира дека вчера е извршен вонреден инспекциски надзор во Клиниката за гинекологија по доставена наредба од министерот за здравство за вршење вонреден инспекциски надзор во врска со лекувањето и третманот на новороденчето на В. И. од Арачиново, починато на Клиниката Скопје на 1 октомври.
Според документацијата обезбедена од ДСЗИ, мајката била хоспитализирана на 27 септември како итен случај на Одделот за високоризична бременост. Породувањето е извршено следниот ден со царски рез, при што е родено живо машко дете како предвремено родено (прематурус).
Компликациите започнале само четири часа по раѓањето.
На 29 септември новороденчето е префрлено на интензивна нега поради отежнато дишење, а му бил дијагностициран парцијален пнеумоторакс, по што детето е интубирано и ставено на вештачка вентилација.
Истиот ден, како што рече Лазов, детето било двапати реинтубирано поради спонтана екстубација.
На 1 октомври, состојбата драстично се влошува. Бил дијагностициран масивен пнеумоторакс и на десната страна. И покрај обидите за реанимација и давањето адреналин, лекарите констатирале смрт во 19 часот.
Лазов рече дека мајката на новороденчето била испишана од Клиниката на 1 октомври, но тоа го сторила по сопствено барање и спротивно на советите на лекарите.
Телото на новороденчето е предадено на Институтот за патологија за обдукција, но конечниот извештај сè уште не е изготвен. Комисијата за квалитет на Клиниката веќе одржала два состаноци во текот на октомври за да го разгледа случајот согласно законските процедури.
