Според портпаролката на СДСМ, пријавите се од различни општини, меѓу кои ги спомена Охрид и Штип, а дополнително рече дека има и неколку интересни информации за Скопје
За еден ден на дигиталната платформата МИЦКО на антикорупцискиот тим (АКТ) на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) стигнале 47 различни пријави за случаи на криминал и корупција, соопшти денеска портпаролката на партијата, Богданка Кузеска.

„Им благодариме на сите граѓани кои се приклучија и доставија информации и документи на нашата дигитална платформа за борба против корупција и криминал – МИЦКО“,
рече таа на денешната прес-конференција.
Како што наведе Кузеска, пријавите што пристигнале за еден ден се од различни општини, притоа споменувајќи ги Охрид и Штип, а дополнително рече дека има и неколку интересни информации за Скопје.
Сите овие информации, документи, докази, рече портпаролката, ќе бидат анализирани и документирани, јавноста ќе биде информирана за секој потенцијален случај.
Антикорупцискиот тим (АКТ) на СДСМ вчера ја промовираше својата нова дигитална платформа, наречена Македонски истражувачки центар за корупција и организиран криминал (МИЦКО).
Платформата, која е достапна на адресата https://micko.mk, на прес-конференција ја претстави генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, нагласувајќи дека целта е истражување, архивирање и анализа на јавно достапни материјали и извештаи за наводни корупциски операции во земјата.
Тој рече дека на платформата веќе се објавени досегашните истражувања на АКТ, вклучувајќи ги случајот со фирма основана лани со двајца вработени која добила тендери во вредност од 9 милиони евра, случајот со фирма која добила 161 тендер во вкупна вредност од 5,3 милиони евра и скандалот за преземањето на „Алта банка“ со сомнителен капитал, кој наводно бил дозволен од НБРМ под сомнителни околности.

Од СДСМ ги повикаа сите граѓани, невладини организации и новинари активно да се вклучат во работата на платформата.
Инаку, портпаролката на СДСМ, Кузеска, за бројот на пристигнати пријави на платформата МИЦКО, информира пред да ги сподели деталите за новата „бомба“ што денеска ја објави антикорупцискиот тим на партијата.
Наводите се однесуваат на фирма со тројца вработени која во период од два месеци добила тендери од Владата во вредност од 1,2 милиони евра.
Како што кажа Кузеска, станува збор за фирмата „Сигмоид груп ДООЕЛ Скопје“, формирана пред две години, која добивала тендери од Генералниот секретаријат на Владата и од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР).
