Според ДКСК, вкупно 35 лица немаат поднесено изјава за имотна состојба и интереси по престанокот на функцијата, додека 19 лица не ја исполниле законската обврска по изборот на градоначалничката функција на неодамнешните локални избори
Поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, и нејзиниот наследник на функцијата, Орце Ѓорѓиевски, не поднеле изјава за нивната имотна состојба по престанокот, односно по почетокот на мандатот.

Имено, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), денеска ги објави списоците со имињата на градоначалници кои не поднеле изјава за имотната состојба и интереси.
Конкретно, Антикорупциска објави два списоци. Едниот со имињата на градоначалниците на кои им престана функцијата, а другиот со оние кои освоија четиригодишен градоначалнички мандат на неодамнешните локални избори.
Имајќи предвид дека дел од нив освоија нови мандати, нивните имиња се наоѓаат и на двата списоци. Таков е случајот со поранешниот градоначалник на Кисела Вода, односно новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, како и ново-стариот градоначалник на Бутел, Дарко Костовски.
Изјава за имотната состојба по завршување на мандатот, не доставил и ново-стариот градоначалник на Битола, Тони Коњановски, но тој се јавува само на списокот на градоначалници што не дале изјава по престанокот на функцијата.
Инаку, според ДКСК, вкупно 35 лица немаат поднесено изјава за имотна состојба и интереси по престанокот на функцијата.

Во исто време, 19 лица не ја исполниле законската обврска по изборот на градоначалничката функција.

Државната комисија за спречување на корупцијата ваквата состојба ја констатирала по извршени проверки во регистарот на имотна состојба и интереси.
Од ДКСК велат дека за градоначалниците, поранешни и актуелни, од кои дел се ново-стари, ќе иницира постапки согласно закон, односно ќе издаде прекршочен платен налог.
„ДКСК ќе ја следи состојбата и за сите наведени лица, кои и понатаму нема да ја исполнат законската обврска за доставување изјави, ќе иницира постапки за проверка на нивната имотна состојба и интереси“,
се вели во соопштението од Антикорупциска.
Како што потсeтуваат и од институцијата, ДКСК, ја следи имотната состојба и интересите на државните и локалните функционери согласно член 17 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Според членот 82 став 1 од Законот за спречување корупција и судирот на интереси сите избрани градоначалници на локалните избори 2025 година имаат обврска, наjдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот, да поднесат изјава за имотната состојбата и интереси.
„Исто така, согласно со член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, истите имаат обврска да поднесат изјава за имотна состојба“,
велат до ДКСК.
Според Законот, предвидената глоба за непријавување имотна состојба од страна на избрани и именувани лица изнесува од 300 до 500 евра во денарска противвредност.
