Акрам е обвинет за 15 убиства, едно обвинение за извршување терористички чин и десетици обвиненија за ранување со намера за убиство

Навид Акрам, преживеаниот осомничен за масовното пукање во неделата на плажата Бонди во Сиднеј, е обвинет за 59 кривични дела, вклучувајќи 15 убиства и едно за извршување терористички чин, според локалниот суд на Нов Јужен Велс, пишува Би-би-си.
Акрам е обвинет за 15 убиства, едно обвинение за извршување терористички чин и десетици обвиненија за ранување со намера за убиство. Тој е обвинет и за употреба на огнено оружје со намера за нанесување тешки телесни повреди, јавно прикажување симбол на забранета терористичка организација и поставување експлозиви во или во близина на зграда со намера за нанесување штета.
Другиот напаѓач, неговиот татко, 50-годишниот Саџид Акрам, беше убиен во престрелка со полицијата на местото на настанот.
Петнаесет лица беа убиени, а околу 40 лица беа повредени во нападот на плажата Бонди за време на настан по повод прославата на првата ноќ на Ханука.
Тоа беше најсмртоносното пукање во земјата од 1996 година.
Според објавите на австралиските медиуми, таткото и синот Саџид и Навид Акрам биле на Филипините еден месец пред нападот, со цел да поминат „воена обука“. За нивниот престој во земјата и филипинската полиција започна истрага.
Според Би-би-си, таткото и синот биле приврзаници на групата „Исламска држава“ во Сиднеј, а симболи и знамиња со такви пораки се пронајдени во нивниот автомобил.
Полицијата смета дека нападот го планирале во објект за краткотрајно домување што се наоѓа на околу 30 минути возење од плажата Бонди.
