Новинарските здруженија укажуваат дека неколку формулации во резолуцијата, кои поврзуваат „дезинформации“, „ширење паника“ и наводно нарушување на јавниот ред и мир со примена на Кривичниот законик и други закони, се проблематични во ваква општа и недоволно прецизна форма

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост за одредени формулации во предлог-резолуцијата за миграција, поднесена до Собранието од партиите од владејачката коалиција. Како што се наведува во нивното заедничко соопштение, спорните делови се однесуваат на јавниот говор и медиумското известување.
ЗНМ и ССНМ јасно потенцираат дека не навлегуваат во политичката или стратешката суштина на резолуцијата, туку се фокусираат на можните последици по слободата на медиумите и правото на информирање.
Новинарските здруженија укажуваат дека неколку формулации во резолуцијата, кои поврзуваат „дезинформации“, „ширење паника“ и наводно нарушување на јавниот ред и мир со примена на Кривичниот законик и други закони, се проблематични во ваква општа и недоволно прецизна форма.
„Особено загрижува фактот што во резолуцијата се прави директна врска меѓу ‘дезинформации’, ‘ширење паника’ и примена на одредби од Кривичниот законик и други закони, без јасно и недвосмислено разграничување меѓу политичка пропаганда, јавно мислење и професионално новинарско известување”,
се вели во соопштението.
Според ЗНМ и ССНМ, ваквите формулации овозможуваат широко толкување и потенцијална злоупотреба, што може да има обесхрабрувачки ефект врз медиумите и новинарите.
ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека во демократско општество, улогата на медиумите е критички да ги преиспитуваат изјавите и политиките на сите носители на власт, дури и кога информациите се непријатни или контроверзни.
„Таквото известување не смее да се поистоветува со ’дезинформации’, ’манипулации’, ’лажни сценарија’ или закана по јавниот ред и мир, доколку е засновано на професионални и етички новинарски стандарди“,
се додава во соопштението.
Новинарските здруженија апелираат дека доколку постојат сомнежи за неетичко или непрофесионално известување, треба да се користат веќе воспоставените механизми за саморегулација, како што се Советот за етика во медиумите и Советот на честа.
Тие сметаат дека овие механизми се единствениот соодветен пат за постапување, наместо да се носат решенија преку општи политички акти со потенцијално ограничувачки ефект кон слободата на изразувањето.
ЗНМ и ССНМ апелираат институциите при донесување на какви било акти, да бидат особено внимателни во формулирањето на деловите што се однесуваат на медиумите и јавниот говор, со цел да не се создаде впечаток на притисок, цензура или закана по слободата на изразување, која е загарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права.
