Според МВР, полицајците се сомничат дека преиначиле примена поплака за бесправно градење во прекршок за лажно пријавување спрема подносителот на поплаката. Против нив ќе биде поднесен предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина, која вклучува одземање на службеното оружје и муниција, како и задолжителни психолошки и психијатриски прегледи
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККИПС) при Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против командир и четворица полицајци од Полициското одделение Чегране при СВР Тетово поради сомнеж дека сториле кривично дело – попречување на правдата. Тие се сомничат за прикривање дивоградби, односно дека ги преквалификувале поплаките за бесправно градење во прекршоци за лажно пријавување.

„Кривична пријава е поднесена против Б.И., командир на Полициското одделение Чегране, К.Б., Т.Е., В.Т. и Б.Е., сите полициски службеници од истото одделение при Секторот за внатрешни работи Тетово, поради сомнение за сторено кривично дело – попречување на правдата“,
се вели во полициското соопштение.
Постапката е почната по основ на сомние дека ја прикривале фактичката состојба во случаи на бесправно градење, со што го отежнале докажувањето пред суд или друг надележен орган.
Пријавените полициски службеници, како што велат од МВР, во повеќе наврати во текот на годинава, постапувајќи по поплака за бесправно градење од подносител, измениле и изготвиле дополнителен службен материјал со кој ја промениле фактичката состојба, со што спречиле, прикриле и го отежнале докажувањето за утврдување бесправно градење во постапка која се води пред суд или друг орган надлежен за утврдување на бесправно градење.
„Воедно, пријавените извршиле преквалификација за примената поплака за бесправно градење во прекршок за лажно пријавување спрема подносителот на поплаката на начин што без да ја констатираат фактичката состојба, изготвиле записник за констатиран прекршок и барање за поведување на прекршочна постапка против подносителот на поплаката“,
соопштија од полицијата.
Одделението за внатрешна контрола по добиена согласност од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) против полициските службеници ќе поднесе предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина, која вклучува одземање на службеното оружје и муниција, како и задолжителни психолошки и психијатриски прегледи.
