Од СДСМ бараат итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска-Папестиев за, како што велат, огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството

Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство веднаш да поднесе оставка, побараа денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) по информациите дека во оваа установа починало новороденче.
„Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста“,
рече Елена Радеска од комисијата за здравство на СДСМ на прес-конференција одржана пред зградата на Гинекологија.
Радеска вели дека директорката на Клиниката се обидела да го сокрие случајот и бараат одговорност од неа.
„Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи. Но, документите од самата Клиника говорат поинаку. Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка“,
рече Радеска.
Според информациите што ги пренесе таа, началничката на интензивна нега писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето.
„Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди, по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“,
додаде Радеска.
Од СДСМ бараат итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска-Папестиев, за, како што велат, огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството.
„Каква е таа докторка за која Хипократовата заклетва е само на хартија?“,
рече Радеска.
Од партијата бараат и целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата.
Денеска од Министерството за здравство рекоа дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе врши вонреден инспекциски надзор во врска со починато новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство.
По вонредните контроли, од Министерството за здравство велат дека ќе биде направен и стручен надзор.
