АКТ, како што рече Димитријевиќ, промовира транспарентност со споделување анализи и известувања за граѓаните, но и новинарите, експертите и невладините организации да можат да дадат придонес

Антикорупцискиот тим (АКТ) на СДСМ денеска ја промовира својата нова дигитална платформа, наречена Македонски истражувачки центар за корупција и организиран криминал (МИЦКО), достапна на адресата https://micko.mk/.
Платформата ја претстави генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција, нагласувајќи дека целта е истражување, архивирање и анализа на јавно достапни материјали и извештаи за наводни корупциски операции во земјата.
„Ние ги собираме, анализираме, организираме сите информации од различни извори како би обезбедиле транспарентност и информираност на граѓаните, на јавноста“,
изјави Димитријевиќ.

Димитријевиќ рече дека АКТ истражува случаи односно длабинско се прегледуваат тендери, медиумски објави и случаи на корупција, вклучувајќи судири на интерес и сомнителни операции во политиката, јавниот сектор, како и локалните и државните институции. Исто така, се архивираат податоци и се креира регистар на наводни случаи со наведени извори, датуми и релевантни детали, за лесен пристап и пребарување.
АКТ, како што рече Димитријевиќ, промовира транспарентност со споделување анализи и известувања за граѓаните, но и новинарите, експертите и невладините организации да можат да дадат придонес.
Димитријевиќ рече дека на платформата веќе се објавени досегашните истражувања на АКТ, вклучувајќи ги случајот со фирма основана лани со двајца вработени која добила тендери во вредност од 9 милиони евра, случајот со фирма која добила 161 тендер во вкупна вредност од 5,3 милиони евра и скандалот за преземањето на „Алта Банка“ со сомнителен капитал, кој наводно бил дозволен од НБРМ под сомнителни околности.
СДСМ ги повика сите граѓани, невладини организации и новинари активно да се вклучат во работата на платформата. Димитријевиќ потенцираше дека платформата е целосно оперативна и нуди можност за директно пријавување на корупција и криминал.
„На платформата има посебен дел, простор за да се внесат информации и директно да се прикачат документи. Секој граѓанин може да пријави, дури и анонимно”,
нагласи тој.
