По целосно расчистување и документирање на случајот, против Г. С. ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка

Четириесет и тригодишниот скопјанец Г. С. е лишен од слобода откако синоќа насилно упаднал во студиото на порталот „Инфомакс“, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Пријавата била поднесена во СВР Скопје вчера, во 23:45 часот, од страна на водителот на емисијата, А. М.
Според пријавата, непознато машко лице влегло во редакцијата на порталот, лоцирана на улица „Востаничка“ во Скопје, додека се емитувала програма во живо.
При упадот, лицето оштетило две врати и го попречувало емитувањето на емисијата.
Во моментот на инцидентот, гостин во емисијата бил поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, а присутни биле и уште еден водител и камерман.
Од МВР велат дека по приведувањето, било утврдено дека станува збор за лице со здравствени проблеми, кое претходно било спроведувано во Психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци.
По целосно расчистување и документирање на случајот, против Г. С. ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.
Од Министерството за внатрешни работи потенцираат дека и во иднина брзо и неселективно ќе ги санкционираат сите случаи на напади на новинари или друго нарушување на јавниот ред и мир.
Од Основното јавно обвинителство Скопје велат дека дежурен јавен обвинител веќе е известен и оти се постапува..
„Лицето е задржано, прибираме докази“,
велат од Обвинителството од каде додаваат дека повеќе информации ќе имаат во текот на денот.
Редакцијата на интернет порталот „Инфомакс“ објави дека синоќа, на петнаесетина минути пред полноќ, имало упад од непознато лице во нивното студио додека се емитувал поткастот „Тешки муабети“. Лицето насилно влегло во редакцијата и се обидело физички да се пресмета со новинарите и присутните.
Реакција за упадот денеска стигна од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) кои го осудија инцидентот и го оценија како сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување.
ЗНМ бара сите надлежни институции да постапат професионално, ефикасно и без одлагање, за што побрзо расчистување на случајот, како и најстрога санкција за сторителот со цел, како што велат од Здружението, спречување идни напади и нулта толеранција кон насилството врз новинари.
