Од Здружението на новинарите го оценија инцидентот за сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување. Оттаму додаваат дека ваквото однесување може да биде опфатено со одредбите од членот 382 од Кривичниот законик, според кој, за спречување службено лице во вршење службено дејствие се предвидени казни до три години затвор
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро го осуди нападот што вчеравечер се случил во редакцијата на интернет-порталот „Инфомакс“ во текот на емитувањето на поткастот „Тешки муабети“.

„Непознато лице пристигнало со такси пред редакцијата за време на емисијата. Напаѓачот започнал агресивно да удира и тропа по влезната врата, која била заклучена и обезбедена со шифра. По кратко време, успеал насилно да ја скрши и да влезе во дворот на редакцијата. Во моментот кога екипата направила пауза од емитувањето, новинарот Милош Милошевски излегол да провери што се случува. Напаѓачот продолжил да се движи кон другиот дел од објектот, каде што со сила искршил уште една врата обидувајќи се да стигне до студиото“,
велат од ЗНМ, повикувајќи се на информациите на „Инфомакс“.
Од Здружението на новинарите го оценија инцидентот како сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување. Оттаму додаваат дека ваквото однесување може да биде опфатено со одредбите од членот 382 од Кривичниот законик, според кое, за спречување службено лице во вршење службено дејствие се предвидени казни до три години затвор.
ЗНМ бара сите надлежни институции да постапат професионално, ефикасно и без одлагање, за што побрзо расчистување на случајот, како и најстрога санкција за сторителот со цел, како што велат од Здружението, спречување идни напади и нулта толеранција кон насилство врз новинари.
Редакцијата на интернет-порталот „Инфомакс“ објави дека синоќа, на петнаесетина минути пред полноќ, имало упад од непознато лице во нивното студио додека се емитувал поткастот „Тешки муабети“. Лицето насилно влегло во редакцијата и се обидело физички да се пресмета со новинарите и со присутните.
