Ибраими на Фејсбук напиша дека одлуката да си поднесе оставка од претседател во Алтернатива не е резултат на незадоволство во партијата, туку, како што вели, во интерес на новата политичка визија, кауза и ново лидерство, кои ѝ се потребни на коалицијата ВЛЕН
Идниот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали е избран за в.д. претседател на Алтернатива на синоќешниот состанок на Централното собрание на партијата. Неговиот избор следува откако досегашниот партиски лидер Зеќирија Ибраими поднесе неотповиклива оставка од функцијата.

Ибраими во објава на Фејсбук напиша дека одлуката да поднесе оставка од претседателската позиција во Алтернатива не е резултат на незадоволство во партијата, туку, како што вели, е донесена во интерес на новата политичка визија и кауза, но и ново лидерство, кои ѝ се потребни на коалицијата ВЛЕН.
„Иако мојата намера не беше да поднесам оставка, туку едноставно да не се кандидирам повторно за оваа позиција на следниот конгрес на Алтернатива, кој требаше да се одржи во март/април следната година, случувањата во ВЛЕН наметнаа поинаква динамика. Бидејќи веќе одлучив да се повлечам на почетокот на следната година, го направив ова сега, за да можат денешните одлуки за иднината на Алтернатива, но и на ВЛЕН, да ги донесе новото раководство. Ова, според мене, е политички и морално поправилно“,
пишува Ибраими.
Новиот лидер на Алтернатива, Беким Сали, рече дека примерот на Ибраими за лидерство, интегритет и посветеност ќе остане камен-темелник врз кој ќе се гради новото поглавје на Алтернатива и ВЛЕН. Рече дека оставката на Ибраими е доказ за неговата политичка култура и извонредна лекција за сите.
„Не го прифаќам лидерството на Алтернатива како негов наследник, туку како продолжувач на патот што го трасираше со труд, знаење и чесност. Ветувам дека ќе го заштитам политичкиот морал што го изградил, ќе го зачувам неговиот дух и ќе го продолжам нашиот политички проект со целосна одговорност“,
порача Сали.
Зеќирија Ибрахими беше избран за лидер на Алтернатива на вонредниот изборен конгрес на партијата во јули минатата година, откако тогашниот претседател Африм Гаши поднесе оставка.
