Оттаму ја повикуваат Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да покрене истрага за конфликт на интрес и за корупција во врвот на владата на премиерот Христијан Мицкоски
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска соопштија дека реакциите на директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски за обвинувањата дека негова семејна фирма добила 5,3 милиони евра преку тендери, се обид за бегање од одговорност.

„Неговите реакции се епски, како на човек што сака да побегне од сопствената сенка“,
се вели во денешната реакција од партијата.
Оттаму сметаат дека неговите обиди за одбрана се контрадикторни, бидејќи ги потврдува семејните релации и личните податоци поврзани со фирмата, но ја негира неговата деловна поврзаност со неа.
„Што вели Томовски сублимирано во една реченица: Бројот е мој, таткото е мој, зетот и внукот се мои, се е мое, ама немам никава врска со фирмата. Нема бегање Томовски, фактите се јасни, потврдени со документи и јавно објавени“,
пишуваат од СДСМ.
Според партијата, не е време за правдање, туку за одговорност.
СДСМ ја повикува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да покрене истрага за конфликт на интрес и за корупција во врвот на владата на премиерот Христијан Мицкоски.
Опозицијата објави дека фирмата која добила 161 тендер во вкупна вредност од 5,3 милиони евра е негова семејна.
Според СДСМ, фирмата првично се викала „Сити логистик“ чиј сопственик во моментот на основањето бил Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски, а управител бил Слободан Кутановски, нивен близок роднина. Подоцна си го сменила името во „Сити аутсорсинг“.
На прес-конференција вчера СДСМ објави дека меѓу телефонските броеви за контакт што ги навела фирмата „Сити аутсорсинг“ е и 078-362-710, а кога тој број ќе се провери, излегува слика на Ивица Томовски.
Тој потврди дека бројот е негов, но тврди дека нема никаква поврзаност со фирмата „Сити аутсорсинг“. Тој најави тужба за социјалдемократите.
Од компанијата велат дека Томовски нема никаква деловна, кадровска или друга поврзаност со нив.
Инаку, податоците од „Бизнис мрежа“ покажуваат дека сегашен сопственик и управител на „Сити аутсорсинг“ е Милчо Стрезовски, а извесен Витомир Томовски како сопственик и Слободан Кутановски како управител се бришат на 29.12.2022 година.
Меѓу телефонските контакти поврзани со фирмата, на интернет може да се најде и бројот 078 362 710, за кој СДСМ тврдеше дека е на Ивица Томовски, а подоцна и тој го потврди истото.
