Италијанското обвинителство води истрага за тајната средба во Москва, која фрла сомнеж дека италијанската владејачка популистичка партија „Северна Лига“ договарала финансирање од Русија за себе и за европските крајно десни партии.

фото: getty images
Како што пренесувaат светските агенции, истрагата била отворена уште во февруари, по новинарските текстови на италијанскиот интернет портал „Еспресо“. Но, веста дека се води истрага е објавена денеска, неколку дена откако за тајната средба пишуваше светски познатиот интернет портал „Базфид“, кој освен текст објави и аудио материјал и транскрипти од тајната средба.
На средбата од снимките, тврди светски познатиот интернет медиум, се присутни тројца Руси и тројца Италијанци, од кои едниот е Џанлука Савоини, најблизок соработник на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини. Средбата се случила на 18 октомври минатата година, во московскиот хотел „Метропол“. Во разговорот, се кова план како Русија да ги финансира европските националистички движења и високи личности од екстремната десница во обид за формирање на „Голем Сојуз”.

Разговорот трае еден час и 15 минути. Во него се споменуваат голема руска нафтена компанија која ќе продава најмалку 3 милиони тони гориво во текот на една година на италијанската нафтена компанија „Ени“ за сума од околу 1,5 милијарди долари. Купувањето и продажбата ќе се вршеле преку посредници, со дисконт од околу 65 милиони долари. Тоа се парите кои тајно, преку посредниците би требало да легнат на сметката на италијанската владејачката партија.

Италијанскиот вицепремиер и шеф на крајно десничарската партија Северна Лига, Матео Салвини, се закани со тужби по објавувањето на новинарска сторија дека негови соработници договарале Русија да ги спонзорира европските националистички партии. Истовремено, негираше дека зел било што финансирано од Русија.
„Никогаш не сум зел ниту рубља, ниту евро, ниту долар или пак литро вотка кои биле финансирани од Русија.“
изјави Салвини.
За разлика од Салвини, неговиот близок соработник призна дека имал средба со група засега неименувани бизнисмени. Но, пред медиумите дементирал и дека направил нешто противзаконско.