Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека партијата се води од стратегиската линија оти националниот идентитет не е предмет на преговори, дека земјава може да биде европска само ако е стабилна во својата самосвест и сигурна во сопствениот идентитет, а компромисите во меѓународната политика се само технички, а не суштински
На денешниот 18. партиски конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, делегатите едногласно го усвоија конгресниот документ „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“. Се работи за визија за тоа како партијата ја гледа Македонија и кои се столбовите на кои ќе ја темели својата политика во наредните години.
Пред усвојувањето на документот, воведен говор пред присутните делегати и гости на Конгресот имаше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој денеска се очекува да биде реизбран за партиски претседател.

Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ се води од стратегиската линија оти националниот идентитет не е предмет на преговори, дека земјава може да биде европска само ако е стабилна во својата самосвест и сигурна во сопствениот идентитет, а компромисите во меѓународната политика се само технички, а не суштински.
„Националниот идентитет не е предмет на преговори, почитта кон другите идентитети е вредност, но не на сметка на сопствениот. Јазикот, историјата и културата се фундаментални државни столбови. Компромисите во меѓународната политика може да бидат технички, но не смеат да бидат суштински. Државното достоинство не е реторика, туку практична политика“,
порача Мицкоски во воведното обраќање на партискиот Конгрес.
Во оваа смисла, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека историското наследство на македонската државност – наследството за јазик, државност и културната самобитност создаваат три обврски за денешната генерација, а тоа се континуитет, модернизирање и достоинство на македонската државност и идентитет.
„Нашиот повик денес е повисок од политиката – повик да престанеме да бидеме публика во сопствената држава. Затоа што никој од надвор нема да ни ја изгради државата, ниту ќе ни ја заштити историјата, ниту ќе ни ја напише визијата. А, ако нешто научивме во сите овие години, тоа е дека Македонија не паѓа кога е тешко, туку кога се откажува. Денес одбиваме да се откажеме и да ја прифатиме идејата дека малата држава мора да има мали амбиции. Македонија е доволно голема колку што е голема нашата волја да ја направиме подобра. И денес таа волја постои. Зрела е. Посилна од било кога. Затоа што денес не почнуваме нешто ново, денес продолжуваме нешто започнато пред генерации. Го продолжуваме стремежот за државност, за достоинство, за место под сонцето што никој не може да ни го одземе“,
истакна Мицкоски.

Додаде дека Македонија влегува во деценијата на зрелост, а дека оваа генерација е должна да го постави темелот дека државата може, знае и ќе успее.
„Денес, пред оваа сала, ја затвораме една етапа на неизвесност и ја отвораме деценијата на зрелоста. Деценија во која државата не само што ќе опстане, туку ќе расте, ќе се стабилизира, ќе напредува, ќе стане пример. Деценија во која ќе покажеме дека политиката може да биде чест професија, дека лидерството може да биде служба, а државата заеднички дом што го чуваме и го градиме со љубов, упорност и дисциплина“,
рече Мицкоски.
Визијата за Македонија 2030, како што рече, не е само декларативен документ, туку темелна политичка рамка и визија за стабилна, продуктивна, правична и европски позиционирана држава. Реализирањето на оваа визија, додаде, бара сериозна, континуирана и одговорна политика.
„Периодот 2025–2030 е стратешка раскрсница за државата. Во свет на променети геополитички рамнотежи, нови економски модели и еволуирани демократски стандарди, Македонија може да напредува само ако има политичка сила што води со јасна визија и со чувство за историскиот момент. ВМРО-ДПМНЕ, како најголем носител на државноста, ја презема таа улога со целосна свест за одговорноста која ја носи секој следен чекор“,
додаде Мицкоски.
Македонија може, знае и ќе успее – порача Мицкоски од партискиот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
