„Јас во моментов немам никаква приватна компанија и единствено сум насочен кон мојата работа како директор на СОЗР“, вели Томовски
Претходно денеска, СДСМ обвини дека семејна фирма на директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, од државни институции и општини водени од ВМРО-ДПМНЕ добила вкупно 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, најави дека ќе поднесе тужба против СДСМ ако партијата не се извини за обвинувањата дека негова семејна фирма од државни институции и општини водени од ВМРО-ДПМНЕ добила вкупно 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра.

Томовски вели дека посочената компанија не е негова ниту, пак, дека има каков било удел во неа.
„Јас во моментов немам никаква приватна компанија и единствено сум насочен кон мојата работа како директор на СОЗР. Целиот мој живот работам чесно, одговорно и посветено, така и ќе продолжам. Слободно сите можни институции да проверат сè, а искрено од СДСМ не очекувам извинување затоа што за извинување потребна е доблест и морал, а тоа одамна видовме дека го немаат“,
пишува Томовски во реакцијата објавена на Фејсбук.
Наводите на СДСМ ги оцени за малициозни и полни со клевети и измислици.
„Тоа е нивниот стил, но и единствената сламка за спас. Додека зборуваат за некаков криминал, тие што вистински се тоа, од Дубаи нарачуваат и пишуваат клеветнички прес-конференции. Така тоа изгледа кога крадецот вели ‘држете го крадецот’. И сакаат да се заборави на златните визи на Филипче, Заев, за модуларната болница, Соравија, плантажите за марихуана. Тоа беше нивното ‘владеење’ – период на пропаѓање што остави длабоки последици врз општеството и врз довербата во институциите“,
вели Томовски.
Претходно денеска, опозицискиот СДСМ обвини дека семејна фирма на директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, од државни институции и општини водени од ВМРО-ДПМНЕ добила вкупно 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра. Според тврдењата на СДСМ, се работи за фирмата „Сити логистик“ чиј сопственик во моментот на основањето е Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски, а управител е Слободан Кутановски, нивни близок роднина. Фирмата подоцна е преименувана во „Сити аутсорсинг“.
