Од АМСМ велат дека граничниот премин „Меџитлија“ е отворен за сите видови возила

Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ од 18 часот повторно е блокиран за сите видови возила, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ). Блокадата е поради штрајк од страна на грчките земјоделци.
Граничниот премин „Евзони“ за влез и за излез од Грција кон нашата земја беше блокиран попладнево од 14 часот, а подоцна околу 17:45 беше отворен за пропуштање само на патнички возила.
Новинската агенција АНА-МПА пишува дека според одлуката донесена утрово на генералното собрание на координативниот протестен комитет, земјоделците имаат намера граничниот премин да го блокираат на неодредено време.
Од АМСМ велат дека граничниот премин „Меџитлија“ е отворен за сите видови возила.
Блокада на овој премин имаше и во текот на вчерашниот ден во претпладневните часови, како и од 18 до 22:30 часот, по што сообраќајот се нормализира и сè до денеска попладне се одвиваше непречено.
Граничниот премин „Дојран“ засега останува единствениот на кој нема блокади и сообраќајот за влез и излез од Грција се одвива непречено.
Грчките земјоделци низ целата држава имаат поставено вкупно 14 блокади со над 6 000 трактори, од кои два се на граничните премини „Евзони“ и „Ники“.
Протестите започнаа во неделата, а најавено е нивно постепено интензивирање до 5 декември. Засега нема информации до кога ќе траат.
