Министерката посочи дека прераспределбата е резултат на увидот дека некои ставки нема да се реализираат до крајот на годината, додека други имаат потреба од дополнително финансирање

Прераспределбата на средствата меѓу буџетските корисници е вообичаена пракса, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа додава дека таа пракса се случува во континуитет. Ова е одговор на прашањата во врска со Одлуката за прераспределба на средствата помеѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите, која денеска помина во Собрание.
Министерката посочи дека прераспределбата е резултат на увидот дека некои ставки нема да се реализираат до крајот на годината, додека други имаат потреба од дополнително финансирање. Таа нагласи дека ова не е исклучок, потсетувајќи дека претходниот министер имал две прераспределби на крајот на 2023 година, покрај ребалансот.
„Претходниот министер двапати имаше прераспределба во 2023 година на крајот од годината, две прераспределби покрај ребалансот. Значи, ова е вообичаена пракса којашто не е исклучок годинава“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Димитриеска-Кочоска потврди дека дел од средствата од прераспределбата ќе бидат наменети за компанијата „Бехтел и Енка“ за изградба на инфраструктурните проекти.
На прашањето дали прераспределбата се врши за исплата на наводно задоцнети средства за породолно отсуство, министерката негираше дека има информации за доцнење од два месеца.
„Напротив, ФЗОМ секогаш дава приоритет на исплата на овие средства. Вие велите се доцни, јас немам таква информација. Треба да ги видиме оние другите коишто се во систем, па да видиме дали доцни или не. Така што не можам да се согласам со тој дел дека имаме задоцнување“,
додава Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде и дека средствата за пензии се земени од други стапки, а не од буџетот на Министерството за одбрана, каде што има прераспределба во рамките на нивниот постоечки буџет.
Министерката ја објасни и одлуката да продолжи стапката на ДДВ од пет проценти за становите, велејќи дека таа е донесена врз основа на направени анализи.
„Одлуката дека ќе продолжиме со пет проценти стапка на ДДВ кај становите ја носевме врз основа на анализата којашто ја направивме. Една Словенија, којашто има повисок стандард, има 9,5 проценти стапка на станови , а притоа и ДДВ за останатите стоки и услуги е многу повисоко отколку нашата. Сметам дека сега кога економските показатели укажуваат на тоа дека особено градежништвото има експанзија, немаше потреба од дополнителни трошоци коишто на крајот од денот ќе ги платат граѓаните“,
истакна таа додавајќи дека целта е заштита на животниот стандард на граѓаните.
Димитриеска-Кочоска информира дека интересот за Граѓанската обврзница е „многу поголем од тоа што ние го објавивме“, додавајќи дека се чека 10 декември за да се објави точниот износ, но дека ќе го прифатат целиот пројавен интерес.
