Според претседателот на РКЕ, „Лукоил Македонија“ обезбедува нафтени деривати од трговците во државата и поради тоа нема прекин во снабдувањето
Санкциите што САД ги воведоа против рускиот нафтен гигант „Лукоил“ не влијаат на функционирањето на бензинските пумпи што „Лукоил“ ги има во Македонија, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски. Според него, „Лукоил Македонија“ обезбедува нафтени деривати од трговците во државата и поради тоа нема прекин во снабдувањето.

„Нема никакви проблеми во снабдувањето со нафтени деривати и сè се одвива нормално. Тоа е поради фактот што Македонија е најмалку засегната од сите останати земји, пред сè, поради тоа што во Македонија нема рафинерија ни ‘Лукоил’ ниту, пак, некоја друга рафинерија во сопственост на Руската Федерација“,
изјави Бислимоски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека „Лукоил Македонија“ изминатиот период се однесувала исклучително коректно и не отпуштила ниту еден од своите вработени, преземајќи ги сите мерки за нормално функционирање.
Во октомври годинава САД воведоа санкции против руските нафтени гиганти „Лукоил“ и „Роснефт“. Потегот е реакција на американскиот претседател Доналд Трамп на одбивањето на Владимир Путин да ја заврши војната во Украина. Санкциите ги принудија најголемите купувачи на руска нафта да бараат алтернативни добавувачи.
