Според мрежата на автоматски метеоролошки станици на Националната опсерваторија во Атина и порталот „Метео“, заклучно со 7 часот утрово, најголеми количества дожд се забележани во западна и северна Атика
Невремето „Бајрон“ што ја зафати цела Грција, во грчката метропола создаде сериозни проблеми со обилен дожд, поплавени улици и штети, а основните и средните училишта во областа Атика, поширокиот регион на Атина, со одлука на префектот, денеска се затворени јавува МИА.

Невремето со обилен дожд и грмотевици започна вчера во попладневните часови, траеше во текот на ноќта и продолжува и денеска, а противпожарната служба на Грција до 6 часот утрово во областа Атика примила 290 повици за помош.
Според мрежата на автоматски метеоролошки станици на Националната опсерваторија во Атина и порталот „Метео“, заклучно со 7 часот утрово, најголеми количества дожд се забележани во западна и северна Атика.
Вчера попладне, од периферијата Атика соопштија дека сите училишта ќе останат затворени, додека пак префектот Никос Хардаљас истакна дека безбедноста на децата е приоритет за кој не се преговара и дека при носењето на одлуката ги зеле предвид научните податоци во соработка со цивилната заштита. Од Министерството за образование на Грција објаснија дека учениците ќе следат онлајн настава.
Дополнително, од Министерството за внатрешни работи, надлежно за јавниот сектор, информираа дека доколку поради времето државните службеници не се во можност да дојдат на работа, можат да останат дома.
Во повеќе делови на Атина, вчера имаше поплавени улици, на неколку булевари утрово во прекин е сообраќајот, проблеми има и на автопатот кон Коринт, додека пак најсериозна е ситуацијата во западните предградија на Атика, Неа Перамо, Мегара и Мандра област во која големи поплави имаше и во 2017 година.
Рано утрово, жителите на конкретните предградија добија порака од бројот 112 за итни случаи да се оддалечат од подрумски и приземни простории на зградите и да се префрлат на повисоки катови.
Екстремните временски појави, предизвикани од невремето „Бајрон“ се очекува во Грција да траат до утре наутро.
