Шпанскиот национален радиодифузер, заедно со уште седум земји, вчера на самитот на радиодифузери во Женева побара тајно гласање околу учеството на Израел, но беше одбиен
Ирска, Шпанија, Словенија и Холандија ќе го бојкотираат натпреварот за песна на Евровизија следната година откако на Израел му е дадено одобрено да учествува на настанот и покрај повиците од неколку членки на Европската радиодифузна унија за исклучување на земјата поради војната во Газа.

Вчера, како што пренесоа европските медиуми, Генераланото собрание на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), телото што го организира музучкиот натпервар, не го одржа гласањето за учество на Израел. Наместо тоа, членките на Радиодифузната унија кои учествуваа на собранието, одлучуваа само за воведување нови правила кои се дизајнирани да ги оневозможат владите и трети страни непропроционално да промовираат песни со кои би влијаеле на гласачите.
„Големо мнозинство од членовите се согласија дека нема потреба од понатамошно гласање за учеството и дека натпреварот за песна на Евровизија 2026 треба да продолжи според планот, со воспоставени дополнителни заштитни мерки“,
се вели во соопштението на ЕБУ, пренесува „Гардијан“.
Како одговор, ирскиот радиодифузер РТЕ (RTÉ) соопшти дека нема да учествува на натпреварот во 2026 година, ниту ќе го пренесува и емитува на својата програма. натпреварот.
„РТЕ (RTÉ) смета дека учеството на Ирска би било несовесно со оглед на ужасната загуба на животи во Газа и хуманитарната криза таму, која продолжува да ги доведува во опасност животите на толку многу цивили“,
се вели во соопштението на радиодифузерот.
Шпанскиот радиодифузер РТВЕ (RTVE), исто така, изјави дека нема да го емитува натпреварот или полуфиналето во Виена следната година, оценувајќи го процесот на донесување одлуки како „недоволен“ и таков што предизвика „недоверба“.
Британскиот радиодифузен сервис Би-би-си соопшти дека ќе го емитува натпреварот следната година, наведувајќи дека ја поддржува колективната одлука донесена од членовите на ЕБУ.
И германскиот радиодифузер СВР (SWR) потврди дека испрати свој претставник на музучкиот настан догодина.
Шпанскиот национален радиодифузер, заедно со уште седум земји, вчера на самитот на радиодифузери во Женева побара тајно гласање околу учеството на Израел, но беше одбиен.
„Претседателството на ЕБУ го отфрли барањето на РТВЕ за конкретно гласање за учеството на Израел. Оваа одлука ја зголемува недовербата на РТВЕ кон организацијата на фестивалот и го потврдува политичкиот притисок околу него“,
се вели во соопштението.
Шпанскиот министер за култура, Ернест Уртасун, изјави дека го поддржува бојкотот, наведувајќи дека културата треба да биде на страната на мирот и правдата.
„Горд сум на РТВЕ која ги става човековите права пред секој економски интерес“,
реч тој.
Во соопштение објавено вчера попладен и холандскиот радиодифузер Авротрос (Avrotros) информира дека нема да учествува на натпреварот следната година
„Откако ги разгледа сите перспективи, Авротрос заклучи дека, под сегашните околности, учеството не може да се усогласи со јавните вредности кои се фундаментални за нашата организација“,
се вели во соопштението на холандскиот радиодифузер.
Словенечкиот национален радиодифузер, РТВСЛО (RTVSLO), кој прв се закани со бојкот ова лето, рече дека учеството „би било во спротивност со неговите вредности на мир, еднаквост и почитување“.
На состанокот вчера, членовите на ЕБУ дискутираа за новите правила дизајнирани да ги спречат владите и третите страни да промовираат песни за да влијаат врз гласачите.

Некои земји изразија загриженост во врска со методите на несоодветна промоција откако Израел го освои првото место на гласањето на јавноста на натпреварот во мај, завршувајќи втор во генералниот пласман откако беа земени предвид гласовите на жирито.
Предложените измени на правилата беа сметани за маслиново гранче за радиодифузерите кои се критични кон Израел, но се чини дека беа оценети како недоволни за повеќето земји кои сигнализираа дека се подготвени да го бојкотираат настанот, пишува „Гардијан“
Шеесет и пет проценти од делегатите гласаа за промени во натпреварот за песна и против понатамошна дискусија за учеството на Израел, додека 23 отсто гласаа „против“, а 10 отсто беа „воздржани“.
Меѓу оние што беа за промените беа радиодифузерите од Норвешка, Шведска, Финска, Данска и Исланд, кои сите рекоа дека ќе продолжат да го поддржуваат натпреварот за песна на Евровизија.
Во заедничка изјава, тие рекоа дека ја „поддржуваат“ одлуката на ЕБУ да „се справат со критичните недостатоци“ во системот за гласање, но веруваат дека е „важно да одржуваме постојан дијалог за тоа како да го заштитиме кредибилитетот на ЕБУ и натпреварот за песна на Евровизија во иднина“.
Претседателот на Израел, Исак Херцог, ја поздрави одлуката за учеството на неговата земја, велејќи дека Израел „заслужува да биде претставен на секоја сцена низ целиот свет“.
„Задоволен сум што Израел повторно ќе учествува на Евровизискиот натпревар за песна и се надевам дека натпреварот ќе остане натпревар што ја застапува културата, музиката, пријателството меѓу народите и прекуграничното културно разбирање“,
напиша тој на платформата Икс.
Јубилејното 70. издание на најголемиот музички настан во Европа следната година ќе се одржи во Виена, откако австрискиот претставник ја однесе победата на овогодинешното издадени на Евровизија што се одржа во мај.
