Таа го повика Државниот завод за ревизија итно да влезе и да провери дали има задоцнети налози за „Мој ДДВ“ во системот на Министерството за финансии

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека нема доцнење во повратот на ДДВ поради проблеми во Буџетот. Наместо тоа, како што објасни, проблемот со исплатата е од техничка природа и е лоциран во Управата за јавни приходи (УЈП).
Министерката посочи дека клучен проблем е застареноста на системите на УЈП, кои не се надградувани од 2011-2012 година.
„Најодговорно тврдам дека апсолутно нема никаков проблем со Буџетот, проблемот е од техничка природа во УЈП. Во Министерството за финансии не постојат налози кои стојат девет месеци. Такво нешто е невозможно“,
изјави Димитриеска-Кочоска.
Таа го повика Државниот завод за ревизија итно да влезе и да провери дали има задоцнети налози за „Мој ДДВ“ во системот на Министерството за финансии.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека техничкиот проблем е последица на долгогодишното неинвестирање и ненадградување на ИТ-системите на УЈП.
„Не можете да очекувате седум-осум години да не се надгради ништо во УЈП и наеднаш сега сѐ да биде како што треба“,
рече таа, објаснувајќи дека директорката на УЈП во моментов работи со ресурсите што ги има додека не започне процесот на дигитализација.
Сепак, таа предупреди дека дигитализацијата не може да се спроведе без прво да се поврзат основните системи. Како пример за решавање на проблемите со злоупотреби и доцнења, ја посочи потребата од итно воведување е-фактура.
Во однос на задолжувањето, министерката тврди дека државата се задолжува исклучиво во рамките на планираното за тековната година и не се прават задолжувања надвор од она што било предвидено со Буџетот за 2025 година.
За идната година, таа рече дека веќе се анализираат пазарите за финансирање. Предвидено е издавање еврообврзница и користење различни извори на финансирање, за да се затворат најпрво претходно направените обврски и за финансирање на буџетскиот дефицит проектиран за 2026 година.
Министерката додаде дека во завршна фаза е работата со Светска банка за додефинирање на условите за кредитот, особено во однос на типот на кредитирањето и промените кои се потребни заради националната безбедност на државата.
