Во реакцијата објавена на својот фејсбук-профил, ексградоначалникот на Струмица вели дека не би сакал да дава политички коментар во врска со случајот и додава дека останува на располагање на надлежните органи за, како што вели, да биде појаснето на каков начин е спроведен проектот за кој рече дека функционира беспрекорно
Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, ги отфрли наводите дека додека бил на функцијата злоупотребил постапка за јавна набавка на 10 електрични автобуси.

„Проектот од стратешко значење за Струмица од кој, денес во пракса сите жители на општината имаат јасни економски, еколошки и сообраќајни бенефити, процедурално е инициран од Општината, изгласан на Советот на Општина Струмица, со јасни насоки за формирање Јавно сообраќајно претпријатие, спроведување на јавна набавка за автобуси и имплементација на проектот“,
пишува Костадинов во објавата на Фејсбук.
Додава дека е уверен оти овие чекори се спроведени согласно важечките закони.
Во реакцијата објавена на својот фејсбук-профил, Костадинов вели дека не би сакал да дава политички коментар во врска со случајот и додава дека останува на располагање на надлежните органи за, како што вели, да биде појаснето на каков начин е спроведен проектот за кој рече дека функционира беспрекорно.
Претходно денеска струмичката полиција поднесе кривични пријави против Костадинов и пет други лица поради злоупотреба на постапката за јавна набавка на 10 електрични автобуси во вкупна вредност од 6,9 милиони евра.
Во својство на градоначалник, како што се наведува во пријавата, Костадинов ги пречекорил правилата на постапката за јавна набавка на автобуси за потребата на ЈСП „Струмица-Транспорт“ и го ангажирал Г. П. како одговорен за технички прашања, учество во техничката евалуација на понудите, надзор над имплементација и реализација на договорот, иако не ги поседувал потребните квалификации и потребната А-лиценца за надзор од областа на електротехника.
