„Тоа уште еднаш потврдува дека ни е потребен систем што работи 24 часа, а не само кога има патрола на патот“, вели Велковски

Во пробниот период на системот „Безбеден град“ камерите регистрирале рекоред во пречекорување на дозволената брзина. На скопската обиколница бил „фатен“ возач кој возилото го управувал со брзина од 231 километар на час.
Информацијата ја потврдија началничката на Секторот за сообраќајни работи во МВР, Маја Арсовска-Манов, и државниот советник во кабинетот на министерот, Владимир Велковски. Тие рекоа дека рекордерот бил регистриран на 1 декември.
„Тоа значи дека ние буквално имаме возачи што улиците ги третираат како тркачки патеки. Тоа уште еднаш потврдува дека ни е потребен систем што работи 24 часа, а не само кога има патрола на патот. Грешката на таа брзина најчесто завршува со трагедија, а не со казна“,
рече Велковски.
Инаку, вчера од МВР информираа дека на вториот ден од тест-периодот на системот „Безбеден град“ најголемата регистрирана брзина во тест-периодот изнесувала 209, додека најмалата брзина за која е регистрирана казна е 51 километри на час
Најбрзо се возело на излезот од Скопје кон Тетово и на булеварот „Никола Карев“, додека најмногу прекршоци за поминување на црвено се регистрирани на раскрсницата на улиците „Цветан Димов“ и „Џон Кенеди“.
Од податоците што МВР ги има за два дена забележале дека вториот ден бројот на прекршоци бил преполовен односно биле регистрирани 50 652 прекршоци за 24 часа за разлика од 1 декември кога системот евидентирал 110 илјади прекршоци.
Арсовска-Манов вели дека сообраќајот во главниот град полека се смирува и бројките на сторени прекршоци полека опаѓаат, меѓутоа сепак е рано да се излезе со било каква статистика и да се каже – добро е, заврши, се намалува.
