Како што посочи координаторот на пратеничката група на СДСМ, денешниот потег на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери само потврдил на дело дека актуелната власт се плаши од вистината за Кочани
Координаторот на пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во Собранието, Оливер Спасовски, попладнево упати критики до колегите од владејачкото мнозинство затоа што не го поддржаа предлогот на опозицијата за формирање посебна анкетна комисија за трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, која се случи на 16 март, а во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

За предлогот што го поднесе пратеничката група на СДСМ, а беше поддржан од нивните колеги од Левица и од коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, во рамките на денешната 72. седница на законодавниот дом гласаа 28 пратеници од исто толку присутни во салата.
Спасовски на прес-конференција во Собранието попладнево кажа дека тие заедно со другите опозициски пратеници направиле сè што можеле за формирање анкетна комисија за пожарот во Кочани, но владејачкото мнозинство, како што посочи, не покажало ниту емпатија ниту разбирање, како и елементарно чувство за барањата на семејствата на загинатите во трагедијата и на сите коишто се повредени.
Потегот на мнозинството координаторот на пратеничката група на СДСМ го оцени како партиска директива.
Образлагајќи го ставот на СДСМ, тој рече дека повторно се врати времето во кое имаме протест и контрапротест, пленум и контрапленум, алудирајќи на случувањата од последните години од владеењето на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер на државата, Никола Груевски.
„Денеска имаме анкетна комисија, предлог против анкетна комисија и се покажа дека партиската директива укажува на тоа дека само тоа што е поднесено од парламентарното мнозинство може да биде вредно. Ова претставува уште едно понижување, разочарување на семејствата коишто изгубија најмногу и коишто не можат ништо да надоместат со било каква дебата и од било кого“,
рече Спасовски додавајќи дека родителите и семејствата на загинатите во Кочани чекаат барем трошка надеж, барем трошка вистина, барем малку човечност и еден знак дека институциите се на нивна страна.
Одбивањето на владејачкото мнозинство да даде поддршка на предлогот на опозицијата, Спасовски го оцени како срам за парламентот, како институција и законодавна власта, која, како што рече, треба да ги застапува и да работи за сите граѓани.
Според него, парламентот денеска испуштил огромна шанса да покаже единство и солидарност.
За разлика од СДСМ, кој го покажал тоа при гласањето, пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ покажале само партиски интерес и партиска послушност, само заради партиски поени.
Како што посочи координаторот на СДСМ, денешниот потег на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери само потврдил на дело дека актуелната власт се плаши од вистината за Кочани.
„Меѓутоа, СДСМ, а верувам и колегите од опозицијата ќе продолжат и понатаму да се борат за правдата, да се борат за вистината, да се бориме за сите граѓани коишто се засегнати во овој случај“,
подвлече координаторот на пратеничката група на СДСМ.
Инаку, на дневен ред на денешната седница се најдоа два предлога за формирање анкетни комисии.
Со 84 гласа „за“, без воздржани и „против“, Собранието одлучи формира Анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Република Северна Македонија. Анкетната комисија што ќе се формира на предлог на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ ќе се фокусира на трагедиите во Кочани, во модуларната болница во Тетово, и автобуските несреќи на „Дурмо турс“ кај Ласкарци и „Беса транс“ во Бугарија.
Предлогот на владејачкото мнозинство го поддржаа и пратеници од опозицијата.
Од друга Собранието не ја прифати иницијативата за анкетна комисија за трагедијата во Кочани што ја поднесоа поднесена од СДСМ, Левица и ДУИ и за неа гласаа само 28 пратеници.
Претходно претседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и пратеник во Собранието, Венко Филипе на прес-конференција рече оти смета дека во законодавниот дом треба да има две анкетни комисии, односно онаа што ја предлага владејачкото мнозинство и на која ќе се дискутира за сите трагедии досега, и една посебна анкетна комисија што ќе биде наменета само за трагедијата во Кочани.
Инаку, пратеникот на Левица и претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, Димитар Апасиев, за 9 декември закажа седница на оваа комисија, на која ќе се разгледува поднесената претставка од „Здружението на граѓани 16 март 2025 година“ или за јавноста познато како Здружение на родителите на загинатите деца во Кочани.
Станува збор за редовна седница на Постојаната анкетна седница, а не надзорна или јавна расправа.
