Тројцата осомничени беа известени за обвиненијата против нив кои вклучуваат измама во јавните набавки, корупција, судир на интереси и кршење на професионална тајна, се вели во соопштението
Поранешната шефица за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, и уште две лица се ослободени откако беа приведени на сослушување во истрага за измама, соопшти денеска Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО).

Тројцата осомничени беа известени за обвиненијата против нив кои вклучуваат измама во јавните набавки, корупција, судир на интереси и кршење на професионална тајна, се вели во соопштението.
Лицата беа ослободени бидејќи не се сметаат за ризик од бегство.
Белгиската полиција изврши претреси во дипломатската служба на Европската Унија во Брисел и во елитен универзитет во Бриж. Беа претресени и домовите на осомничените.
Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) и Колеџот на Европа се во центарот на истрага за сомнение за измама во врска со курс за обука за дипломати финансиран со пари од ЕУ.
Могерини, поранешна италијанска министерка за надворешни работи, моментално е директорка на Дипломатската академија на Европската Унија и ректорка на Колеџот на Европа. Претходно беше раководителка на ЕЕАС.
Според извештаите на белгиските медиуми, другите двајца осомничени се поранешен генерален секретар на ЕЕАС и заменик-директор на Колеџот на Европа.
Според ЕППО, Колеџот на Европа добил задача од ЕЕАС да спроведе програма за обука за помлади дипломати на ЕУ по тендерска постапка.
Тековната истрага се фокусира на тоа дали универзитетот или неговите претставници однапред знаеле за критериумите за избор или знаеле дека ќе им биде доделен проектот пред да биде објавен огласот за тендер, соопшти ЕППО.
Колеџот на Европа објави дека целосно ќе соработува со властите.
Како што посочи вчера ЕППО, постојат силни сомневања дека се прекршени финансиските правила и дека се протечени доверливи информации. Оттаму нагласуваат дека сите вклучени лица се сметаат за невини додека не се докаже нивната вина.
