На Советот за надворешни работи на Унијата на ниво на министри за одбрана било дискутирано и за зголемување на воена поддршка за Украина, затоа што, како што рече, колку што земјата ќе биде посилна на бојното поле, толку ќе има појака позиција на преговарачката маса, како и за мобилизирање на дополнително приватно финансирање на украинската одбранбена индустрија
Интензивните разговори за ставање крај на војната во Украина продолжуваат и сите ги поздравуваат заложбите за мир, освен Русија, која во текот на викендот изврши нов масовен воздушен напад на украинска територија, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, по завршувањето на Советот за надворешни работи на Унијата на ниво на министри за одбрана.

„Во оваа војна има еден агресор и една жртва. Наша работа е да направиме сè што можеме за да ја поддржиме жртвата, а не да ја наградиме агресијата. Целта е да имаме праведен и траен мир, а не договор што ќе постави основа за следна војна“,
истакна Калас.
Таа нагласи дека ако сакаме долгорочен мир, тогаш треба да сфатиме дека почетната точка на актуелната војна беше тоа што Русија едноставно одлучи да започне целосна воена агресија врз својата соседна земја.
„Ако сакаме оваа војна да престане, за да не продолжи по неколку години, ако сакаме оваа војна да не се прошири, тогаш треба да го извршиме сиот притисок врз оној што ја врши агресијата, а тоа е Русија“,
додаде Калас.
Според неа, на состанокот било дискутирано и за зголемување на воена поддршка за Украина, затоа што, како што рече, колку што земјата ќе биде посилна на бојното поле, толку ќе има појака позиција на преговарачката маса, како и за мобилизирање на дополнително приватно финансирање на украинската одбранбена индустрија.
На средбата станало збор и за истрагите за корупција во Украина, кои според Калас, не треба да ги нарушат борбата за слобода на земјата и нејзиниот пат кон Европа.
„Фактот дека се спроведуваат истраги покажува дека антикорупциските тела во Украина работат“,
рече Калас.
Министрите разговарале и за европската одбрана подготвеност и се согласиле дека Европа мора да продолжи да ја зајакнува сопствената одбрана.
„Немаме многу време. Путин веројатно долгорочно нема да почитува каков било договор долго време. И ако не сме силни, тоа ќе се случи многу порано“,
рече Калас, додавајќи дека во тој контекст министрите разговарале и за Пакетот за воена мобилност, што Европската комисија го презентираше минатиот месец, како еден од клучните елементи за зајакнување на способноста за одвраќање и осигурување за европската безбедност.
