На прашањето зошто дел од граѓаните не ги добиле парите по основ на „Мој ДДВ“, Мицкоски одговори: „Не сум запознаен со тоа, мислам дека, сигурен сум дека редовно си се враќаат ДДВ и ’Мој ДДВ’. Но, се проверува. И ќе продолжиме да го проверуваме.“

Премиерот Христијан Мицкоски негира дека Владата има проблем со ликвидноста на буџетот и дека поради тоа се доцни со исплатите на „Мој ДДВ“ кон граѓаните и поврат на ДДВ кон компаниите.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, тој рече дека сите барања се обработуваат редовно, но со значително засилени контроли поради, како што додаде, сомнителни фирми и манипулации од минатото.
На прашањето зошто дел од граѓаните не ги добиле парите по основ на „Мој ДДВ“, премиерот одговори:
„Не сум запознаен со тоа, мислам дека, сигурен сум дека редовно си се враќаат ДДВ и ’Мој ДДВ’. Но, се проверува. И ќе продолжиме да го проверуваме.“
Мицкоски кажа дека во претходните години имало фирми кои барале огромен поврат без реална основа.
„Побарувале ДДВ, магично побарувале ДДВ во милионски суми во евра. Магично преку ноќ им се враќале, без никој да направи контрола. Денеска ако побара некој поврат на ДДВ – 10 милиона денари, веднаш оди контрола да види што е, а не, пак, да побара некој 100 милиона поврат на ДДВ“,
изјави Мицкоски.
Тој посочи и на случаи кога компании исчезнувале од пазарот.
„Фирмата влегува во неликвидност, односно влегува во стечај и магично човек од соседството ја купува таа фирма. А вистинскиот сопственик се повлекува“,
рече премиерот.
Мицкоски негираше доцнење во повратот на ДДВ, и покрај забелешката на дел од менаџерите кои го тврдат спротивното.
„Еве јас ќе ви кажам последен случај којшто дојде до мене, од компанија што побарува милионски суми ДДВ, но чудно е како сега наеднаш во 2025 г. се побарува заостанато ДДВ од 2022, 2023, 2024 година и како наеднаш сега се прават исправки во завршните сметки за 2023 и за 2024 година. И тоа мора да го констатира инспекција пред да биде тоа ДДВ вратено назад. Да видиме зошто се прво декларирани тие завршни сметки, а второ, зошто се правени исправки на тие завршни сметки за сега да дојде наеднаш милионски износ за поврат на ДДВ“,
изјави премиерот.
Компаниите што не добиле поврат на ДДВ, ги повика да се обратат до Владата.
„Јас би апелирал до сите тие големи компании на коишто им се должат милионски суми да се обратат. Ако е се како што треба, уште другиот ден ќе им се поврати. Но, ние мораме да провериме“,
рече тој.
На новинарска констатација дека владиниот одговор на сето ова требаше да биде проектот „Е-фактура“, но тој до денес не профункционира.
„’Е-фактура’ е систем за којшто треба подготовка. И законска и техничка. Прво што направивме ние, го отпочнавме тендерот, го завршивме, има успешен избор на компанија што ќе го спроведе тој систем на е-фактура. Во меѓувреме, се правеа законски усогласувања, технички усогласувања. И очекувам веќе од 1 јануари целосно да почне имплементацијата во рамките на тоа што апсолутно ќе биде подготвено. Вистинското прашање е зошто кога се беше подготвено уште 2016-2017 година за е-фактура, тоа не беше направено“,
рече Мицкоски.
